Модниот блог Fashion DNA прослави една година успешна работа

17 октомври 2015

Во кафе-барот Concept 37, модниот блог Fashion DNA вчеравечер го прослави својот прв роденден.

Дани Ѓуровска и Александра Трпеска ја заокружија оваа година со пријателите и соработниците, во пријатна атмосфера, насмеани и секако модно расположени.

За тоа како тие гледаат на изминативе 365 дена на македонската модна сцена, ќе кажат:

-Сè на сè, ова беше една успешна година за нас, затоа што ја отворивме и нашата официјална страна, што е за нас голем чекор. Сметаме дека луѓето на тој начин ќе нè сфатат сериозно. Целта на одбележувањето на една година постоење и изложбата што ја презентирме по тој повод, не е само роденденот како таков, туку и затоа што сакаме да испратиме апел до сите дизајнери, блогери, фотографи и организатори на модниот викенд за значењето на модните блогери. Апел да се има подобра комуникација и соработка.

Тие сметаат дека отвореноста на луѓето што се дел од македонската модна сцена, не е на задоволително ниво.

-За подготовката на оваа изложба што ја гледате ни требаше месец и пол и за тоа време наидовме на секакви бариери и оттаму идејата за целта не само на изложбата, туку и на оваа вечер – вели Дани.

Иако млади, тие сепак сè посериозно пристапуваат кон модното блогерство и воопшто кон модната сцена. Во светски рамки тоа е мошне профитабилно и влијателно, но во Македонија најчесто се сведува на хоби.

-Нашиот сериозен пристап е токму оттаму што сметаме дека еден дизајнер не може да не знае кои се модни блогери, што е задачата на еден моден блогер, ако се знае дека во светски рамки тие се едни од највлијателните личности денес. Нас сè уште ни е хоби, но работиме на тоа и искрено се надеваме дека ќе ни стане професија и тоа во Македонија, а не некаде надвор. Мислам дека луѓето овде сè повеќе разбираат која е работата на модните блогери. Треба и ние уште повеќе да се трудиме за да им го приближиме тоа, но и дизајнерите да имаат поотворен пристап.  – смета Дани.

Тие сметаат дека соработката секогаш може да биде подобра и поквалитетна.

-Ние не го правиме тоа за лична сатисфакција. Го правиме најпрвин поради љубовта кон модата, да видат луѓето што е модерно сега, а и да промовираме македонски дизајн – потенцира Александра.

Дани пак сака да укаже и на тоа дека модните блогери се тие што треба да ја разбудат модната свест кај публиката.

- Ако ние не го направиме тоа, секогаш ќе останеме на исто ниво на гледање и консумирање на модата. Конкретно за изложбата соработувавме со модната куќа „Елена Лука“, дизајнерката Антонија Ристовска и  Бранкица Тодорова, која е студент на Европскиот Универзитет. Задоволни сме од соработката со нив. Исто така не би сакале да ги заборавиме и Еми Норис и Ирина Тошева, Евгенија Зафировска, Изабела што ни помогна со шминката и Јована Јоциќ,  што соработуваа со нас во текот на целата година. За фотографиите се погрижи Александар Јакимовски, кој е вистински професионалец. И би сакале да ги споменеме и „Зачувај момент“, кои многу ни помогнаа во почетоците, кога имавме и заедничка изложба.

Со оглед на тоа дека се една година активни, нè интересираше и како гледаат на  нивните колеги-блогери.

-Во оваа година додека ние сме присутни излегоа многу нови блогери. Можам да забележам дека 20 проценти од блогерите, се со добар квалитет – вели Александра.

Некаде на крајот ги прашавме и дали македонските дизајнери имаат трендовски парчиња.

- Сметаме дека треба да имаат малку пооригинални парчиња. Да не се сведува се на комерцијала. Тоа некако недостасува. Можеби звучиме малку критички настроени, но доколку нема критика, ништо нема да се смени. И ние добивавме многу критики, но луѓето можат да забележат дека ги насочивме кон уште повеќе труд. Критиката секогаш те тера да бидеш подобар, па така и ние се трудиме да бидеме уште подобри – го споделија со нас мислењето девојките зад овој блог.

Им посакуваме многу успех и понатаму.

Објавено:
17 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.163 пати