Модниот колаж на македонските модни брендови - доказ за квалитетен домашен производ

30 октомври 2019

Во „Музејот на Македонска борба“ вчеравечер по трети пат во организација на здружението „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre(DMWC) се одржа модното шоу кое го проследија голем број посетители домашни и странски преставници од меѓународната заедница кои престојуваат и живеат во Македонија.

Со наслов „Маde in North Macedoniа: Модни куќи“, здружението со овој настан сакаше да им оддаде почит и поддршка на модните брендови во државата. 

Етаблираната модна куќа „Елена Лука“, „Албатрос“, „Астибо“ и „Линеа“ претставија дел од својата работа, со што се создаде колаж на различни модни изрази и естетика, обединети под домашна етикета и за домашниот пазар. 

Присутните ги поздрави претседателската на здружението, Емилија Миладинова Аврамчева, која го изрази задоволството што овој убав настан станува традиција, како и фактот дека Добредојде" Macedonia Welcome Centre(DMWC) опстојува веќе 10 години и ја шири македонската традиција и богатство насекаде во светот.

-Мисијата на нашето здружение е повеќе од модното шоу. Ние годинава славиме 10 години постоење во полето на културна дипломатија, односно промоција на земјата преку културата. Модата е дел од културата, така што со овој настан, трета година по ред, ги поддржуваме сите фактори на полето на модата и дизајнот. Оваа година фокусот е ставен на поддршка на модните куќи во земјата. Морам да кажам дека ми е посебно драго што го поддржуваме овој дел од културата и модната индустрија, затоа што неа ја сочинуваат најголем процент жени.  Во Македонија пазарот, можностите, условите се лимитирани, така што сè што прават овие компании е веќе голем успех и навистина треба да им се честита за издржливоста, за можноста да опстојат на пазарот и да имаат свои клиенти - вели Аврамчева.

Настанот е подржан од Министерство за култура , а оваа година во соработка со Британската Амбасада. На присутните им се обрати и Н.Е. г-ѓа Рејчел Галовеј, Амбасадор на Обединето кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија, која потенцираше колку модната индустрија е важна гранка за буџетот на Британија и како во сличен правец би требало да се размислува и тука.

-Одлично е што имавме можност да видиме дел од работата на македонските дизајнери. Публиката имаше можност да види различност и да види што треба да биде промовирано. Навистина сум импресионирана. Живеам овде речиси година дена и видов вистинско модно богатство, видов дека постои оддржлива мода, занаетчии што работат, што е импресивно. Овој ѓердан што го носам вечерва е токму македонски производ. Гледам дека има прогрес и во текстилната индустрија и производството. Оваа индустрија остварува и профит, посебно гледано во однос на врската помеѓу Македонија и Британија. Мислам дека тука допрва има потенцијал, кој не е доволно искористен, но за тоа ќе треба да се погрижи и владата, како и Фоднот за иновации. Од она што вечерва го видов, посебно ми се допадна долгиот син фустан од Елена Лука, и би сакала да ми се случи некој настан на кој би го носела, бидејќи сметам дека е прекрасен и совршен за некоја свечена пригода. Инаку, би било одлично овој настан да продолжи, па дури и да излезе од границите на Скопје - изјави амбасадорката Галовеј за нашиот сајт.

Свое обраќање имаше и Н.Е. г-ѓа Душанка Дивјак Томиќ, Aмбасадор на Република Србија во државава и почесен претседател на здужението "Добредојде" Macedonia Welcome Centre, која пак направи осврт на минатите десет години постоење на здружението и неговата важност и придонес за македонската култура и традиција.

За да биде сè во најдобар ред и присутните да уживаат во модното шоу, се погрижи и Снежана Богдановска - Сани.

-Оваа година акцент ставивме на промовирање на сегментот кој што е запоставен, а кој што е многу важен, на кој што треба да работиме сите, не само што тие создаваат, туку целата држава. Овој пат сакавме да го потенцираме значењето на македонската текстилна индустрија, кој отсекогаш бил наш багаж, кој го забаталивме. Ова е само мал придонес да ги потсетиме оние што се моќни, да обрнат повеќе внимание. Модната индустрија како гранка која сепак придонесува за стопанството е кај нас потценета, би рекла и подбутната сосема, така што се надеваме дека со овој настан ќе придонесеме макар за поттикнување на размислата за оваа тема.. Драго ми е што иако се малку по број, брендовите вечерва се многу различни, а тоа покажува колку имаме шареноликост. Воедно дека има место за сите на пазарот - потенцира Сани.

Присутните вчеравечер имаа можност да видат дел од понудата на споменатите брендови. Од интересните кошули на „Албатрос“, преку палтата и капутите со строг крој на „Астибо“, лелеавите креации со цветен принт на „Линеа“ , сите одличен избор за деловен стил, до впечатливите креации со екстравагантна нота на „Елена Лука“, идеални за пригоди кога сакате да се чувствувате посебно и забележано, ова модно шоу покажа дека македонските брендови нудат различна естетика и можат да ги задоволат сите вкусови, како и тоа дека имаат креации кои можат да се мерат со оние на светскиот пазар. 

 

Во продолжение погледнете дел од атмосферата: 

 

Објавено:
30 октомври 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
890 пати