Модните комбинации на Лаура Паусини на „Евровизија“ - погодок или утка?

16 мај 2022

Последното, 66 издание на „Евровизија“ заврши викендов. Се' уште се зборува за гласањата, пласманите, победниците, но она на што ние ќе обрнеме внимание овој пат е стилот на пејачката Лаура Паусини, која годинава беше во улога на водителка на музичкиот фестивал, a која токму денеска го прославува 48 роденден.

Модните магазини ги проследија нејзините изданија, во кои доминираше сјај и боја. И додека едни имаа пофални зборови, други сметаат дека дел од комбинациите, особено од финалето се модна утка.

Кога тие креации се „Версаче“, тогаш вниманието е уште поголемо.

Но, ајде да тргнеме од почеток.

Паусина во текот на трите евровизиски вечери носеше парчиња од исклучиво италијански дизајнери. Инаку, со сите комбинации во кои се појави на сцената претходно беше исликан едиторијал за италијанското издание на „Вог“

Прва полуфинална вечер - Валентино

Во првпата полуфинална вечер ја видовме во три креации на „Валентино“. Се работи фустани од последната колекција „Valentino Pink PP“, што беше лесно да се погоди поради впечатливата розова естетика која ја има целата колекција и како беше медиумски проследено.

Впечатоците за овие нејзини комбинации беа позитивни, имајќи го предвид настанот, нејзиното тело, па впечатливата боја и сјајот сосема соодветствуваа на моментот и би можеле да кажеме дека ова е нашиот фаворит од нејзините појавувања.

 

Втора полуфинална вечер - Алберта Ферети

За втората полуфинална вечер модните комбинации беа со потпис на Алберта Ферети. За многумина ова е и можеби најдобрата вечер, појавувајќи се во три различни комбинации, со врврна елеганција.

 

Посебно се издвојуваше црвениот фустан во кој изгледаше мошне маркантно и имаше сосема поинаква естетика кога се косата и шминката во прашање од првата вечер.

 

Финале - Версаче

Финалето е посебен моден предизвик дури и да немате никаков перформанс, а кога имате како што тоа беше во случајот на Лаура, тогаш фокусот е уште поголем.

Третата вечер пејачката ја отвори со спектакуларен настап, во кој се задржа колоритната естетика и во сите изгледа одлично!

Креација на Алесандро Виџиланте

Креација на Алесандро Виџиланте

Креации на Џон Ричмонд

Креација на италијанскиот бренд Tod's

Креација на Jo Maria Contini

Кога е во прашање облеката во која се појави како водителка, таа беше од модната куќа „Версаче“. Со многу светки и сјај, се заокружи евровизиската приказна. И иако, согласно целиот концепт од сите евровизиски вечери и изгледот на другите двајца водители, овие стајлинзи на Паусини сосема фино се вклопуваат. Сепак, овде беа упатени и најголемите критики, особено за тиркизната комбинација која според коментарите и не ѝ се допаднала баш на публиката, без оглед на тоа што се работи за исклучително популарен тренд.

Факт е дека евровизиската сцена трпи многу сјај и впечатливост. Од друга страна, колоритот кој за многумина беше преизразен, ние би го издвоиле како позитивен аспект, бидејќи после речиси три години пауза и „црнила“, бојата беше совршен начин да се каже дека сме желни за живот, оптимизам и веселост.

Што се однесува до тикризната креација, од одредени аспекти, да можеби не беше најсреќниот избор за нејзиното тело, но секако беше логичен избор за да се заокружи модната приказна од третата вечер.

Ако ги разгледате повеќето италијански брендови, ќе видите дека кај нив доминира девизата „Повеќе е повеќе“, па оттаму нас не не' изненади овој избор на креации. Некои можеби очекуваа повеќе Валентино или пак Армани креации, но да не заборавиме, се работи за „Еворивизја“ каде претерувањето стана стандард.

Сепак, дел од публиката не се согласи, а за тоа говорат и твитовите во продолжение:

 

 

Како вам ви се допадна нејзиниот изглед?

Објавено:
16 мај 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.334 пати