Модното творештво на Ели Сааб преточено во литературно издание

25 јули 2014

Книгата на омилениот моден дизајнер на голем број дами ширум светот е преполна со прекрасни фотографии и нуди ексклузивен поглед во богатата модна ризница на Ели Сааб. Писателката Џени Санет посака на светот да му ја раскаже животната голгота на модниот виртуоз Ели Сааб, кој со својот талент, знаење и умешност ги задоволува модните апетити на милиони жени во светот. Таа ја напиша книгата насловена едноставно „Ели Сааб“ бидејќи смета дека големите имиња заслужуваат едноставни наслови, затоа што секој збор, епитет или пофалба би била премалку за човек како Сааб.

„Тој е еден од ретките дизајнери кои знае што сакаат да носат жените и затоа го заслужи моето, но и вниманието на голем број луѓе во светот“, вели Санет.

Неговиот интерес за мода бил кристално јасен уште кога имал само девет години. Уште во своето рано детство почнал да шие облека за своите сестри, а како адолесцент веќе ги продавал своите креации на жените кои живееле во неговото соседство. Првото couture ателје го отворил во 1982 година во Бејрут, а набрзо потоа следувала и презентацијата на неговата прва колекција која ги воодушевила модните критичари.

Неговата репутација и дизајн растеле до толку што ги преминале границите кај жените од целиот свет кои сакале но и морале да поседуваат фустани со потписот на Ели Сааб. Во 2002 година, Хали Бери, за доделувањето на филмските награди Оскар, каде ја освои наградата за најдобра актерка, носеше тоалета на Сааб. Тоа беше гламурозниот момент во кариерата на дизајнерот кој буквално го вивна во облаци.

Наскоро потоа Сааб отвора салон во Париз, но неговото срце останува засекогаш во Бејрут. Целата приказна во книгата ја следат фасцинантните фотографии на Лазиза Хамани. Издавачката куќа која се погрижи за дизајнот на ова луксузно литературно издание е Асулин.

Објавено:
25 јули 2014
Категорија: 
Актуел