Модното волшепство од дизајнерски елки – совршен почеток на новогодишната еуфорија

6 декември 2013

Вистинска предновогодишна магија се случи вчера попладне на приземјето на трговскиот центар Скопје Сити Мол. Вкупно 15 дизајнери, новинари и модни уредници ги прикажаа своите модни елки преку кои го искажаа и последното парче креативност скриено во нив..

Сите сосема различни, но сепак со една заедничка цел – да им ја направат Новата година на најмалите уште повесела и посреќна.

Целиот настан беше организиран од Моден викенд Скопје, а организаторите со единствена порака дека сакаат овој настан да стане вистинска традиција.

„Сметаме дека ова е еден убав повод, не само бидејќи е Нова Година, туку бидејќи има можност да другаруваат дизајнери, новинари, стилисти... Исто така, ова е убава можност да се прикаже креативноста. Секој од учесниците ќе ја прикаже својата креативна визија, а воедно пренесуваат порака и до нивните клиенти, соработници и децата, бидејќи пред сè овој настан им е посветен ним. Така, сметам дека овој настан има и едукативен карактер, бидејќи децата имаат можност да видат поинакви идеи и да се насочат кон креативност, бидејќи тие се нашата иднина“, изјави Света Богова за fashionel.mk.

Сите учесници имаа навистина интересни елки, инспирирани од предновогодишната еуфорија.

„Ова е моја прва година како учествувам и навистина ми е драго што ме поканија да бидам дел од овој настан. Многу ми се допаѓа целата организација, иницирачки е пред се, креативноста ќе си ја дадеме до максимум и ќе покажеме дека дизајнот не е само форма на облека туку и нешто вакво. Јас направив една „candy“ елка, изработена од лижавчиња, сето тоа само за децата. Знаеме дека пред Нова година актуелни се тие лижавчиња и пакетчиња, па мислев дека ќе биде инспиративно да им објаснам како се прави една елка изработена од бонбони. Инспирацијата конкретно ми е Дедо Мраз, Нова година, црвената боја, класичната зелена подлога на елка и се останато околу празниците“, вели младата дизајнерка Маја Кикириткова.

Слатката елка на Маја Кикириткова

Подеднакво инспирирана и посветена на децата беше и дизајнерката Ивана Цветковска чија елка беше комбинација на корсет од бонбони и здолниште од волница.

И Ивана Цветковска ја изрази својата креативност

„Сакав да направам корсет од бонбони во комбинација со здолниште од волница. Инспирацијата дојде сосема случајно, бидејќи помислив на тоа кој најмногу се радува на новогодишните елки, а тоа секако се децата, а волницата некако ми дојде како најдобар избор за здолниште. Мислам дека целиот настан е многу интересен и дека треба да продолжи и наредните години и да има многу повеќе ангажирани дизајнери, а можеби и дечиња“, вели Ивана.

На настанот беше присутна и младата и шармантна дизајнерка Лили Кадинска која претстави еден поинаков „крој“ на модна елка, целосно направена од дискови.

Музичката елка на Лили Кадинска и Ле бранд

„Вечерва претставив елка од рециклирани материјали, употребив стиропор и стари дискови и излезе нешто како - диско елка. Се водев од она дека рециклираните материјали се голем тренд и дека сите одат на тоа да го искористат она што веќе било искористено. Ова ми е прва година како учествувам на овој настан и мислам дека е многу интересно. Сметам дека ова е еден многу креативен настан и ние дизајнерите имаме прилика да ја покажеме онаа другата наша страна, не само дизајнирањето на облека, туку и тоа колку сме креативни во другите сегменти“,вели Кадинска за fashionel.mk.

Покрај дизајнери, на изложбата на модните новогодишни елки во Сити Мол учествуваа и новинари и модни дизајнери од неколку модни портали и магазини. Младата Милена Танаскоска од модното списание Unique претстави елегантна модна елка, во вид на интересен фустан.

Милена Танасковска од „Јуник“

„Сакав мојата елка да личи на една вистински модна елка, односно во мојов случај фустан – елка. Ова е една моја визија на тоа како треба да изгледа една новогодишна елка, елка која што јас би си ја направила и дома. Инспирацијата некако ми дојде спонтано, од оваа кројачка кукла која што ја имам во мојата соба и сето ова е една моја замисла како би изгледал еден совршен, новогодишен фустан. Во однос на настанот, ова е прва година како учествувам, и целиот настан многу ми се допаѓа, токму поради тоа што сите учесници можат да се изразат на еден вистински, креативен начин“, вели Милена.

Модерната елка на „Јуник“

Роберт Ивановски чија елка минатата година беше една од највпечатливите, оваа година претстави елка од волнени топчиња во сите бои.

„Сакав елката да биде нешто поинаква од минатата, која беше фустан од елка. Бидејќи се работи за деца, сакав да биде нешто меко, шарено. Сакав да биде нешто блиску до нив. Се одлучив за волнени топчиња, кои се рачно изработени и има преку 300. Одоздола е со мрежа, а врз неа се зашивани топчињата“, појаснува Роберт.

Роберт Ивановски ни откри како ја изработи неговата елка од волнени топчиња

Маркантна и дефинитивно највпечатлива беше елката од модната куќа Елена Лука, од каде се одлучија да претстават еден елегантен и гламурозен фустан од елка во црвена и златна боја.

Даниела Димитровска од тимот на Елена Лука ни ја претстави нивната креативна елка Даниела Димитровска од тимот на Елена Лука ни ја претстави нивната креативна елка

„Оваа година одлучивме да се претставиме со посовремена варијанта на елка. Ова е фустан елка, изработен од материјал филц, кој што лесно ја задржува формата. Има игра на форма, текстура и боја. Горниот дел од фустанот е изработен од триаголници од материјал. Инаку, целиот фустан е во црвена и златна боја, бои што потсетуваат на Нова година и празнична атмосфера“, вели дизајнерката Даниела Димитровска од модната куќа Елена Лука.

Црвено-златна фустан-елка на тимот на брендот Елена Лука

Сите елки на учесниците ќе ја оддржуваат празничната магија во Сити Мол уште цел еден месец. На истите ќе можат да им се радуваат сите вклучувајќи ги и најмилите, како што тоа беше случај и вчеравечер кога тие со восхит ги слушаа советите на дизајнерите како сами да направат една поинаква, новогодишна модна елка.

Елката на Роберт Ивановски од волнени топчиња

Објавено:
6 декември 2013
Категорија: 
Актуел