Највлијателните стилисти посочуваат: Објава на Инстаграм вреди повеќе од појавувањето на црвен килим

20 март 2018

Уличната мода ги замени модните писти. Кога модната индустрија им се обраќа на новите генерации, како главен медиум ги користи социјалните мрежи, особено Инстаграм. Ако некогаш единствен извор на информации беа модните списанија што ја имаа ексклузивата да ги објавуваат најновите колекции на модните дизајнери од кои понатаму вирално се креираа трендови, сега приоритетите се поместија и можностите за информирање се многу пошироки. Се разбира тоа е последица пред се на технолошкиот напредок и развојот на медиумите преку кои сега големите ѕвезди им се многу „поблиску" достапни на армијата фанови.

Се работи за сериозен бизнис, за кој влијателните и искусни стилисти велат: во денешно време, една објава на Инстаграм вреди повеќе од појавувањето на црвениот килим.

Сега е исто толку важно, ако не и поважно, како ќе се облечат јавните личности „неформално" во нивниот секојдневен живот, отколку за црвен килим. Од тука и потребата за специјализирање на стилистите во делот фокусиран единствено на уличната мода и „опшутениот" изглед на ѕвездите.

Тука не станува збор за модните блогерки кои исто така важат за сериозни стилски инфлуенсери, туку за познати личности од шоу бизнисот зад чиј имиџ (сценски и неформален) стои цел тим на професионалци, на чело со стилист. Нивната задача е да бидат „невидливи" и да креираат „кежуал" аутфити кои треба да алудираат на тоа како ѕвездите сами да ги комбинирале.

Една од актуелните, модно влијателни, светски јавни личности е поп пејачката Селена Гомез, но „човекот во сенка" одговорен за нејзиниот стил „off duty" е 31-годишниот стилист Кристијан Класен кој уште во своите тинејџерски денови работел како асистент стилист. Тој е специјализиран токму за „street style" комбинации, а неговото мото е дека една објава на Инстаграм вреди повеќе од изгледот за црвениот килим. Со оглед на тоа дека Селена Гомез е една од најследените и најпопуларните ѕвезди на Инстаграм, нивната заедничка соработка вреди сериозни суми.

Кристијан Класен

Соработката помеѓу ѕвездите и модните брендови сега е многу почесто на релација – улична мода – ПР објави низ светски медиуми, отколку формален настан и црвен килим. Еден позитивен аспект е што преку ваквата комуникација, сега и помалите брендови во однос на модните гиганти, имаат поголема можност да бидат забележани, при тоа без да чекаат да дојдат нивните пет минути слава за црвен килим, туку едноставно користејќи го бесконечниот виртуелен простор на Инстаграм.

 

 

Објавено:
20 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.095 пати