„Накит 2016“: Креативност за сечиј вкус

8 октомври 2016

Ако размислувате каде би можеле да отидете викендов и да видите нешто интересно, тогаш топло ви го препорачуваме првото издание на Саемот за накит и модни додатоци, „Накит 2016“, во „Јавна соба“. Ќе видите избрана, но многу квалитетна екипа.

Трае до недела, а ние го посетивме вчера попладне и имавме можност меѓу првите да видиме што интересно изработуваат изложувачите од Македонија, Србија и Бугарија.

Накит од дрво, жива, плетенини, јажиња, филигран, камења, метал е само дел од она што можете да најдете таму, а ги опфаќа вкусовите и на оние што претпочитаат строги форми и оние што ја сакаат необичноста.

Со насмеани лица, другарување меѓу себе и добро расположение, секој од нив беше расположен да објасни нешто повеќе за своето парче и да ги услужи заинтересираните.

На самиот почеток од предвидениот изложбен простор ќе го видите накитот на „JTdot jewelry“.

-Накитот го изработувам од полимерна глина во комбинација со метални фолии. Што се однесува до ѓерданите се во комбинација со некои благородни метали како месинг, бакар, челик... Се изработува во неколку фази. Секое парче прво  се обликува, па се пече, за потоа да се шмиргла и доработува. На крајот доаѓа транспарентната глазура – ни изјави Јелена Трујиќ од Белград.

JTdot jewelry

Таа додава дека не само што е првпат во Скопје, туку и првпат се одлучила да биде дел од вакво претставување.

-Со изработка на накит се занимавам уште од 2012 година, а овој бренд конкретно постои веќе две години.  На ова прво патување на накитот во Скопје се одлучив да презентирам две колекции. Едната се вика „Мarble “ или во превод мермер, бидејќи се работи за мешање на бои, од кои се добива шара што потсетува на мермер. Втората пак, е составена од еднобојни парчиња во комбинација со метални детали – објаснува 26-годишната Трујиќ, која инаку дипломирала на Факултетот за дизајн на ентериер и мебел во Белград.

Веднаш до неа, вниманието ни го привлекоа и дрвените модни додатоци на младиот Немања Стојановиќ, сопственик на брендот „Boowtie wooden style“

Уште поинтересно е тоа што Немања дипломира на медицинскиот факултет, но не продолжува да се занимава со тоа, со целда се посвети на креативноста, па пред нешто повеќе од две години почнува да го основа денес, веќе одлично разработениот, бренд за модни додатоци.

-Многу сум задоволен. Одев чекор по чекор, но имав среќа да налетам на вистинските клиенти како компанијата „Самсунг“, „Филип Морис“, „Хајнекен“... Но, моите модни додатоци ги носат и различни генерации во регионот, од 7 до 77 години, што посебно ме радува. Исто така, имам и редовни клиенти и од Македонија – потенцира Стојановиќ.

Тој додава дека посебно е горд на тоа што за кратко време успеал да се прошири и на странскиот пазар.

-Ги продадов моите права за швајцарскиот и шпанскиот пазар, а еден дел од франшизата го продадов за американскиот пазар, што ми помогна во овие кризни моменти да го кренам производството на повисоко ниво. Успеав да ги купам сите потребни машини, што се и прилично скапи, вработив неколку луѓе. Добив кредити од САД и помош од „Филип Морис“, што ми помогна што побрзо да дојдам до совршен производ – објаснува Немања.

Иако на многумина им изгледа дека се прилично едноставни, тој нагласува дека процесот бара многу внимание, труд и посветеност – од скици, преку пренесувањето на скицата на хартија, па на дрво, па рачно сечење, грубо шмирглање, лакирање, спојување на плочките со еластични ластичиња за да бидат удобни, до пакувањето во дизајнирани кутии.

-Се појавувам во регионот, па еве редот дојде и на Скопје, да видам како луѓето што ја следат мојата работа како ќе реагираат на новите производи. Драго ќе ми биде да дојдат само да се дружиме и да размениме искуства. Ги сакам ваквите настани, бидејќи запознавам многу нови луѓе, се стекнувам во нови искуства. Секогаш е добредојдено да запознаеш некои нови луѓе – вели Немања.

Покрај нивните производи, вниманието ни го привлекоа и дрвените прачиња на нашата Александра Шекутовска, како и оние на Симеон Шомов Ангелина Цветкова од Бугарија и други креативци чија работа треба да ја погледнете.

Александра Шекутовска - The Urb Clv

Уште подобро е и тоа што саемот е од продажен карактер, па е и совршен момент доколку нешто ви се допадне, да се подновите со уникатен моден додаток.

Освен овој дел, саемот ќе биде збогатен и со предавања, работилници и секако многу музика.

Денеска од 16 до 20 часот предавања ќе имаат дизајнерките на накит Биби Клекачкоска, Мима Пејоска и Бранка Данчевска, како и Ана Димчевска, конзерватор за метал во Музејот на Македонија. Терминот од 17 до 19 часот денес е резервиран и за работилница за деца, каде најмалите ќе другаруваат со креативната Ина Михајлова. Доколку не стасате денес, можете да ја посетите и утре од 11 до 13 часот.

Инаку, саемот во овие два дена ќе биде отворен за посетители од 10 до 22 часот, односно од 10 до 18 часот (утре).

За потсетување, ова прво издание на „Накит 2016“ е во организација на „Јавна соба“ и „KAPKA Jewelry".

Објавено:
8 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.151 пати