Наоми Кембел сама се фотографираше за насловната на „Essence“ – заеднички прославуваат 50-ти роденден

7 мај 2020

Специјализираниот магазин „Essence" кој во својот фокус ја поставува црномурестата жена и топ моделот Наоми Кембел, месецов заедно прославуваат 50-ти роденден. По тој повод, уредништвото на магазинот ја покани Кембел да биде ѕвездата од насловната страна за ова специјално издание.

За прв пат во својата кариера, а како налагаат и условите, Наоми самата се фотографираше со мобилен телефон за насловната страна, а сама ги направи и сите стајлинзи во кои се појавува во оваа фотосесија за роденденскиот број на магазинот, што го следи интервјуто насловено „Дома со: Наоми Кембел".

Интимниот портрет ја прикажува Наоми во нејзиниот свет на самоизолација, дозволувајќи ѝ на публиката поглед во тоа како таа го поминува секојдневието во вонредни услови.

„За мене беше посебна чест, но и необично искуство, самата да се фотографирам и стилизирам за насловната на специјалното издание на „Essence" со кое се прославува 50-от роденден на магазинот. Од една страна, ова беше едно тажно потсетување дека сите луѓе вработени во медиумите и продукциите сега не се во можност да ги звршуваат своите функции поради коронавирусот, но од друга страна ми донесе надеж и охрабрување знаејќи колку нашите луѓе и инфраструктура се флексибилни. Ќе излеземе од ова посилни од кога и да е. Среќен јубилеј „Essence", напиша Наоми која својот роденден во изолација ќе го слави на 22. мај.

Изминатиов половина век, магазинот „Essence" е посветен на еманципацијата, влијанието и улогата на црноморестата жена во општеството и како таков, овој медиум има значаен импакт во нејзиниот општествен статус.

„Сега повеќе од кога да е, се потпираме на нашата флексибилност во овие најмрачни часови за нацијата. Во хаосот, ние наоѓаме мир. Во неизвесноста, се уште наоѓаме верба. Во осаменоста, се наоѓаме меѓу себе", вели во своето излагање, уредникот на содржината и креативен директор на магазинот, Моана Лу.
Целото интервју може да го прчитате на овој линк.

Извор: Essence

 

Објавено:
7 мај 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
305 пати
Тагови: 
Наоми Кембел