Нашата Симона Станковска го освои четвртото место на Miss Globe

3 ноември 2013

Во комплексот Писта Волга во Драч, Албанија, вчеравечер се одржа големото финале на изборот Miss Globe 2013. Нашата преставничка Симона Станковска (18) од Скопје, помина одлично.

Иако не ја зема главната круна, успехот на Симона не е намален. Таа во конкуренција од 50 девојки од исто толку држави се закити со титулата Мис Елеганција и тоа носејќи креации на модната куќа Елена Лука.

Исто така, откако влезе во финалето, Симона на крајот беше Трета придружничка, Прва придружничка на Мис Талент и Прва придружничка на Мис Бикини.

Мис Глоуб е претставничката на Романија, Бјанка Падаруру, Прва придружничка е Олга Портнова од Казакстан, додека Втора придружничка е претставничката на Полска, Клаудија Висниовска.

Симона беше победничка на изборот на Мис на Македонија за Miss Globe и со тоа стекна право да биде наша претставничка на овој интернационален избор за убавина.

-Немам зборови да ја опишам мојата среќа. Не ни сонував дека можам да направам ваков успех, во толку силна конкуренција. Навистина имаше многу убави девојки, а мојот фаворит беше претставничката на Русија, која на крајот се пласираше зад мене. Пресреќна сум што Македонија ја претставив во најдобро светло - изјави Симона после успешната вечер.

Лиценцата за изборот ја поседува модното студио Црнокрак, од каде изразија голема благодарност до модната куќа Елена Лука за соработката и фустаните кои беа направени специјално за оваа пригода.

Објавено:
3 ноември 2013
Категорија: 
Актуел