Една од нашите најпознати манекенки Натали Грубовиќ е главен лик во последното видео издание на балканскиот шармер Здравко Чолиќ за песната „Ватра и барут“.
Во одличното видео за една од песните од последниот албум „Ватра и барут“, Натали се појавува во театрална креација на модната куќа Елена Лука.
Луксузната тоалета е направена од висококвалитетен жоржет и органтин во виолетова боја во комбинација со раскошно кадифе, а во предниот дел креацијата е украсена со прекрасни брошеви.
Во делот на вратот, креацијата е надополнета со модни додатоци во вид на пелерина изработена од органтин, а Натали носи и ракавици во виолетова боја на кои во еден дел од видеото стои и прекрасен сокол.
Денеска во Скопје беше промовиран и видео записот, на чија промоција присуствуваше и самиот Здравко Чолиќ кој им се заблагодари на сите за огромната поддршка и посочи дека како и секогаш, огромно е задоволството да биде повторно во Македонија.
„Големо задоволство ми е што сум тука денеска, јас всушност и се чувствувам како Македонец, со оглед на долгите години што доаѓам тука. Пред неколку години со Влатко дојдовме до идеја дека е вистинско време заедно да снимиме нешто, па така се случи и оваа песна. Самата идеја преку нашиот менаџмент беше всушност и оваа моја турнеја да започне токму од Скопје. Многу сум среќен што всушност и спотот се сними тука и сум навистина одушевен. Мислам дека овој спот, на прво гледање, е еден од моите најдобри во последните пет години. Кога ќе го погледнете неколку пати, мислам дека многу повеќе ќе ви се допадне. Голема чест ми е што низ едно вакво видео се рекламира вашата Македонија и вашите два бисери, а тоа се Скопје и Охрид“, изјави Чолиќ на денешната промоција.
Видео записот е режиран од одличниот Игор Иванов – Изи кој посочи дека огромна била честа да се работи со две легенди како Здравко и Влатко.
„За мене беше особена чест да работам со вакви легенди, навистина ми е драго што имав можност да работам со нив. Се надевам дека овој спот ќе го доживее светлото на денот и надвор од Македонија и дека многу набрзо ќе се појави на телевизиите во регионот“, посочи Изи.
Оваа сабота, почнува и концертната промоција на големиот Здравко Чолиќ со првиот концерт во спортската сала Борис Трајковски.
Во продолжение, погледнете го новиот видео запис на Здравко Чолиќ.