Нема да се пресоблекува: Хоакин Феникс ќе носи исто одело на секое доделување награди сезонава

13 јануари 2020

Ова е година на Хоакин Феникс. Прогласен е за најдобар актер на „Златни глобуси“, а и критичарите се согласија со тоа, па го доби и нивното признание викендов, а еден е и од најсериозните актери за Оскар.

На сите свои појавувања, ја користи можноста да прати порака за зачувување на животната средина и климатските промени. За потсетување, „Златните глобуси“ ги замоли познатите да не ги користат своите приватни авиони.

Стела Мекартни е дизајнерката на која ѝ ја даде довербата да го дотера за споменатата манифестација. А и за сите идни сезонава.

Имено, актерот ќе го носи истото одело на сите доделувања на награди периодов, а „Оскарите“ ќе бидат последни во низата. 

„Овој човек е победник, затоа што се грижи за иднината на нашата планета. Тој исто така избра да носи едно исто одело во текот на целата сезона на доделување награди за да го намали отпадот. Горда сум и почестена што ги здружив силите со тебе“, напиша дизајнерката на нејзиниот Твитер профил.

 

И додека едните аплаудираат за ваквиот чекор на Хоакин, под Твитот на Стела Мекартни имаше и такви кои не се согласуваат со ова нејзино тврдење, а особено поради фактот дека иако се залага за еко мода, нејзините одела се прескапи.

„Пожарникари, полицајци, службата на итна помош, војници, хуманитарни работници, сестри, негувателки... никој од нив не е вистински херој, туку маж кој ќе носи едно исто одело цела сезона“, беше еден од одговорите кој доби повеќе од 12.000 лајкови.

 

Објавено:
13 јануари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
789 пати
Тагови: 
Хоакин Феникс