Ненад Секирарски ќе биде дел од модно шоу во Хрватска

15 август 2014

fsh

Хрватска летово ќе биде атрактивна за уште еден моден настан. Славонски Брод на 22-ри и 23-ти август ќе биде домаќин на досега најголемиот моден спектакл во овој град. Манифестацијата носи едноставен наслов „Fashion Show“, се одржува за првпат во ова место, а меѓу учесниците е и нашиот дизајнер Ненад Секирарски.

-На покана на организаторите на Fashion Show од Славонски брод, што се одржува по петти пат,  ќе се претставам за првпат во Хрватска со своја ревија. Поделени во две вечери, околу 15-тина дизајнери од повеќе од 10 земји ќе се претстават со своја авторска колекција. Моето претставување е замислено со избор на 20 модели од претходните неколку колекции, со што хрватската публика ќе може да се запознае со мојата работа. Верувам дека ќе биде еден прекрасен настан, што ќе се одржува во големата тврдина на градот и е настан за кој речиси сите билети се распродадени, а ќе има посетители од целиот регион - ни изјави Секирарски

Организатор на манифестацијата е дизајнерот Тони Брекало, кој најавува вистински спекакл.

-Двете вечери ќе има модни ревии, а потоа гостите ќе ги забавуваат популарни имиња од музичкиот свет, со целовечерни концерти, со што сметаме дека ќе го комплетираме настанот - вели Брекало за хрватските медиуми.

fsh2

Манекенките ќе чекорат по најголемата модна писта во Хрватска, долга дури 300 метри квадратни. Дизајнерите ќе презентираат облека од Висока мода, кежуал комбинации, како и авангардни модели. За настанот се ангажирани 40 манекенки од Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

Дел од учесниците се веќе познати, а меѓу нив се Шерин (Швајцарија), Ана Сариќ (Италија), Зиад Ганем (Лондон), Мертксе Хернандез (Шпанија), Весна Кривокапиќ (Данска), Леа Софи Диел (Германија), Ана Фриц (Русија), Оглгица Ѓикиќ (БиХ), Бранка Вукушиќ (Хрватска), Тони Брекало (Хрватска).

Објавено:
15 август 2014
Категорија: 
Актуел