Ненад Секирарски со одлична ревија на годинешното Fashion Show во Славонски Брод

9 септември 2014

Македонскиот дизајнер Ненад Секирарски во петокот одржа одлична ревија во рамки на модно – музичката манифестација во Славонски Брод, Хрватска. Тој на пистата прикажа одлични модели во свежи и модерни бои, сите подеднакво гламурозни и уникатни.

Негова креација вечерта носеше и прекрасната водителка на настанот Сузана Шариќ, која се одлучи за софистициран тесен фустан до колената со интересен ремен-синџир околу половината.

Секирарски овојпат претстави одбрани креации од неговите последни три колекции, а за кои заеднички пресек беше софистицираниот гламур и нежната, женствена елеганција.

Некои од неговите креации носеа дел од најпознатите хрватски топ модели меѓу кои и Кристина Лумбар и Лаура Лендиќ, но и грациозната ќерка на прекрасната хрватска актерка Миа Беговиќ – Маја Лена Лопатни, која беше дел и од шоуто „Преживеан“.

Настанот траеше вкупно два дена, односно на четврти и петти септември, од кои првиот ден беше музички настан на кој настапија големата Неда Украден и Младен Грдовиќ, додека на вториот ден кога впрочем и се одржаа ревиите, свој самостоен концерт одржа и Жељко Јоксимовиќ.

На овогодинешното Fashion Show во Славонски Брод, покрај Ненад Секирарски од Македонија, настапија и дизајнери од Србија, Данска, Словенија и Босна и Херцеговина.

Објавено:
9 септември 2014
Категорија: 
Актуел