Необичната „Арт – ограда“ на Државниот архив го најавува стартот на Модниот викенд Скопје

22 октомври 2014

Модниот викенд Скопје во соработка со општина Карпош денеска  ја отвори изложбата наречена „Арт Ограда“ во чии рамки се прикажани фотографии од најновите креации на дел од дизајнерите што ќе се претстават на сезонското издание на FWSK.

Истите беа поставени во вид на паноа на оградата на Државниот архив на Република Македонија во општината Карпош.

Градоначалникот на општината, Стевче Јакимовски посочи дека модата е важен сегмент од нашиот живот и дека како општина се многу задоволни што можеле финансиски да го поддржат овој проект.

„Како една современа општина, сакаме да ги следиме и модните трендови и токму од тие причини ја поддржавме и оваа манифестација, се разбира финансиски, која што се одвиваше на територијата на општина Карпош.Сите овие паноа што ги гледате, се направени на осум локации низ општината, сѐ со цел да ги поттикнеме граѓаните даја следат домашната мода. Ние како локална самоуправа, секогаш сакаме да дадеме поддршка за ваквите иницијативи“, изјави Јакимовски.

На прашањето колку тој ги следи модните трендови и дали ќе посети некоја од ревиите на дизајнерите на претстојниот Моден викенд, Јакимовски вели:

„Ги следам модните трендови онолку колку што можам, ја сакам модата. Мислам дека е добра за сите, без разлика во која доба се, без разлика на полот... Мислам дека е добро секогаш да се биде „ин“. Во однос на ревиите, секако дека ќе посетам некоја во рамки на Модниот викенд“, вели градоначалникот на општина Карпош.

За тоа колку младите дизајнери се задоволни од ваквиот начин на промоција на нивните нови колекции, разговаравме со младата дизајнерка Инес Шабан која годинава за прв пат ќе биде дел од Модниот викенд Скопје.

“Ми се допаѓа што се случува една ваква, поинаква изложба, која е еден нов и интересен начин да се прикажат парчиња од нашите колекции. Мислам дека треба почесто да се практикуваат вакви работи. Што се однесува до мојата прва колекција со која ќе бидам дел од Модниот викенд, можам да кажам дека во целата ќе преовладуваат моите две омилени бои – црната и белата. Кај некои парчиња ќе додадам и малку црвена боја како боја на страста, секако, за да не стопли во зимските денови“, вели младата Инес.

Дел од дизајнерите чии дела ја красат оградата на Државниот архив на Македонија, е и  Златко Јовановски кој посочи дека му е многу драго што сега голем дел од граѓаните ќе имаат можност да го видат она што тие го работат.

„Мене навистина ми се допадна овој проект со Моден викенд Скопје и Општина Карпош, затоа што, ако може така да кажам, обичната публика, луѓето кои што тука поминуваат, ќе можат да видат дизајнерски парчиња, ќе можат да видат што ние всушност работиме. Не само оние кои ќе бидат дел од ревиите на Моден викенд, туку сега и сите останати ќе можат да видат дел од нашите колекции. Ми се допадна и што сите фотографии се наредени на овој начин на оградата, а не се ставени на билборди и слично, и баш секој ќе може да ги види кога ќе помине оттука“, вели Златко.

Марија Илиќ од организацијата на Модниот викенд вели дека се многу задоволни од финалниот резултат на овој проект и дека им е навистина драго што истиот го реализирале во соработка со општина Карпош.

„На наше огромно задоволство, овој проект го реализиравме со општина Карпош затоа што е пред сѐ, една од најактивните општини и една од оние што постојано поддржуваат млади таленти и креативци. Во заедничка консултација, дојдовме до заклучок на кои локации да се снима. Дел од проектот беа 16 различни дизајнери, учесници на претстојниот Моден викенд. Покрај тоа што ја промовираме модата, овој проект има и еден едукативен дел затоа што има многу граѓани на општина Карпош и многу скопјани кои што уште се немаат запознаено со локациите на општината. Изложбата ќе трае еден месец, отворена е за сите, се надевам дека ќе има голем интересе и секако, дека ќе продолжи соработката со општината“, вели Илиќ.

Објавено:
22 октомври 2014
Категорија: 
Актуел