Нова димензија на машката мода: Елена Лука креира ексклузивна машка линија!

11 август 2020

Нова, ексклузивна и уникатна машка линија што ќе биде достапна во продажба на онлајн продавницата на Елена Лука, е новиот голем проект на реномираната модна куќа.

Во најавата за својот нов проект, Елена Лука потенцира дека ексклузивитетот карактеристичен за препознатливиот моден израз на брендот, сега ќе биде имплементиран и во машка варијанта.
Иницијалната идеја за овој нов предизвик, е големиот интерес на машката популација, за иновативен и автентичен дизајн, што ќе говори во име на индивидуалноста, а ќе го носи потписот на Елена Лука.
Ова ново поглавје во приказната на брендот, е отворено со уникатна колекција на поло маички во минималистички дизајн, во црна и бела варијанта, но со моќен израз што креира трајна вредност.

„Еден долгогодишен сон добива своја комплетна реализација. Елена Лука како бренд сите години наназад работи и машка мода по мерка, ексклузивни дизајни по нарачка, но овојпат идејата е да креираме комплетна машка линија што ќе понуди богат избор на иновативни дизајни за машката популација. Свесна сум дека машката мода е еден сериозен и голем предизвик, а истовремено сум убедена и во големиот потенцијал на Елена Лука и знам дека беспрекорно како докажан бренд ќе одговориме на таквиот предизвик. Работиме со ексклузивни материјали, концепирани во иновативни дизајни, што на домашниот пазар ќе понудат една сосема нова, свежа и поинаква димензија на машката мода", вели г-ѓа Елена Пандева, сопственик, генерален менаџер и водечки дзајнер на Елена Лука.

г-ѓа Елена Пандева, сопственик, генерален менаџер и водечки дзајнер на Елена Лука

Меѓу првите кои ја уживале привилегијата да носат ексклузивен машки дизајн на Елена Лука, е и Горан Митров, и самиот долгогодишен клиент на брендот, препознатлив моден лик, кој е и менаџер на ателјето на Елена Лука во Струмица, во источниот регион и на пазарот во Бугарија, а го добил и признанието за Најстилски маж. Тој се појавува и во улога на модел во промотивниот едиторијал со кој се најавува машката линија на Елена Лука.

„На наше огромно задоволство како бренд и мое лично исто така зачекоривме во светот на машката мода. И покрај тоа што до сега многу пати сме работеле нарачки за посилниот пол сепак ова е наша прва официјална колекција. Елена Лука Мен е нешто што веќе неколку години се провлекува како тема во нашата модна куќа. Заедно со нашиот Генерален Менаџер Елена Пандева, одлучивме дека токму сега е вистинскиот момент да се случи таа приказна. Оваа колекција навидум е едноставна во однос на изборот на бои, но сепак силна сама по себе. Црната и белата сами по себе се бои без лимит. Всушност и инспирацијата за оваа колекција е токму тоа , самоуверен маж кој цврсто гази на земјата , знае точно што сака и каде се движи. Самата ситуација во која се наоѓа целиот свет практично не тера да се сконцентрираме на трајни вредности, таква е и оваа колекција - безвременска. Софистицирана елеганција би рекол јас со мои зборови , перфекција во изведбата на моделите и една сосема нова димензија во машката мода низ која ќе се провлекува стилот на Елена Лука. Ова што за сега го презентираме е само еден многу мал дел да не речам тизер за се она што допрва ќе следува“, изјави  Горан Митров.

Во време на генерална криза и непредвидливост, иновацијата има клучно и есенцијално значење во креирањето на нови можности. Елена Лука, како домашен бренд кој во многу наврати досега бил предводник во креирањето на нова и свежа атмосфера на модната сцена и во овој период на неизвесност, максимално ги става во функција своите визионерски способности што имаат за цел да ја регенерираат домашната модна сцена.

Во прилог се и првите фотографии од мини едитријалот со кој Елена Лука го најавува тоа што допрва следува...

Објавено:
11 август 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
444 пати