Новата песна за Џејмс Бонд ќе ја снима Били Ејлиш

16 јануари 2020

Том Џонс, Луис Армстронг,  Пол Макартни , „Дјуран Дјуран“, „А-ха“, Шерил Кроу, Тина Тарнер, Мадона, Крис Корнел, Алиша Киз, Адел, Сем Смит... ова се само дел од оние што ја имаа честа да се најдат на листата изведувачи за песни за популарниот агент 007. На оваа листа ѝ се придружи и младата музичарка Били Ејлиш, на која ѝ е дадена довербата да ја испее насловната песна за следното остварување за Џејмс Бонд, „No time to die“, како што е и насловот на новото продолжение.

Ејлиш за странските медиуми изјави дека „сè уште е во шок“, бидејќи овој ангажман, кој подразбира пишување и снимање на споменатата нумера, навистина го посакувала, а желбата ѝ е остварена.

Продуцентите ја потврдија информацијата, а воедно Били ќе биде најмладиот музичар во историјата на филмската франшиза со ваков ангажман.

Таа и овој пат соработува со својот постар брат и соработник, Финес, за мелодијата, опишана од продуцентите на Бонд, како „неверојатно моќна и подвижна песна... која е беспрекорно направена во функција на емотивната приказна на филмот ".

Премиерата на филмот е закажана за 2 април годинава, а главната улога повторно ја толкува Даниел Крег. Покрај него, во остварувањето ќе ги видиме и Рами Малек, Леа Сејду, Наоми Харис, Кристоф Волц...

 

 

 

Објавено:
16 јануари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
252 пати