Не сè што ќе направат големите брендови е добро

„Луј Витон“ на удар: Ајде да ги собереме играчките на детето и да ги закачиме на блузон

16 февруари 2021

... Ајде да ги собереме играчките на нашето дете и да ги ставиме на блузон и да заработиме милиони...“

Најчесто, тоа што ќе го презентираат големите модни брендови, се наметнува како доминантен тренд, независно дали се работи за боја, дезен или едноставно дизајн на парче, моден додаток.

И покрај тоа што уште почесто се случува да се' што е со потпис на големите модни имиња се смета за најдобро, сепак има и примери што го покажуваат спротивното.

Еден таков е и најновиот блузон на брендот „Луј Витон“, презентиран кон почетокот на месецов, а  „збогатен“ со 14 хеклани кукли. 

И можеби се' би завршило на неколку шеги на сметка на дизајнот, да не беше фактот дека блузонот чини неверојатни 8.100 долари, односно сега по 7.460 долари.

Тоа беше добитната комбинација која ги разгоре корисниците на социјалните мрежи. На Твитер се шегуваа дека овој блузон би можел да се направи и за 25 долари:

„Ќе го направам за 24.99, а ќе го продавам 50 долари и ќе направам милиони“ е еден од коментарите, додека пак некои тврдат дека можат и за десет долари да го направат.

Има и такви кои се прашуваат кој би го носел ова, но верувале или не, блузонот е распродаден. Во тоа веројатно му помогна и (лошиот) маркетинг.

Без разлика што повеќето се согласуваат дека парчето облека е грдо и дека „ништо поглупаво не виделе во последно време“, очигледно дека некој ќе го купи бидејќи сепак е од „Луј Витон“.

 

Иако ние никако не можеме да сфатиме кој би сакал да носи блузон како да ги собрал сите играчки на детето, сепак информацијата погоре вели дека очигледно има кој. 

Инаку, има и посуптилна варијанта на дизајнот со куклите - се работи за бомбер јакна чија цена во моментов изнесува 6.100 долари. Некои од големините се веќе распродадени. 

 

 

Објавено:
16 февруари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
258 пати
Тагови: 
Луј Витон