Обединета европска мода во Скопје – стартуваше 19-от FWSK

30 март 2019

Под концептот на „Обединета европска мода“, вчеравечер стартуваше 19-то издание на Моден викенд Скопје, овојпат локациски сместен во „индустриски“ амбиент, во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“, а сегашен простор на Европскиот Универзитет.

Мултмедијалната програма на ова издание на FWSK вклучува неколку различни медиумски форми за презентација на работата на учесниците, преку симбиоза на моден дизајн, филмска уметност и модни перформанси.

На сметка на стеснетата програма во однос на ревиските претставувања, акцентот оваа сезона е ставен на шоурумот што обединува 28 дизајнери од 17 земји од Европа (вклучително  неколку домашни дизајнери), чија цел е промоција на модните креатори од Југоисточна Европа (ЈИЕ) пред интернационалните купувачи и претставниците на медиумите, како и поврзување на дизајнерите од Европската унија со македонските фабрики.

Мултимедијалниот карактер на оваа сезона го надополнува и гостувањето на платформата за концептуален дизајн од Софија, „Иван Асен 22“, што приредува невообичаено естетско доживување кое ги обединува модниот дизајн и визуелните уметности, што особено ги предизвикува сетилата на филмските сладокусци. 

Во сегментот на ревиските претставувања, програмата годинава во споредба со  претходните изданија на FWSK, е сконцентрирана на помал број презентации во ваква форма, а дел од дизајнерите се комбинирани во групни ревии.

Токму со таков групен перформанс, #meetUFdesigners, беше отворен и официјалниот дел на 19-от моден викенд. На првата ревија имавме можност да се сретнеме со дизајнерите учесници во шоурумот, носејќи ни го секој својот специфичен естетски сензибилитет интерпретиран преку дизајни наменети за сезоната есен-зима 2019/20.

Тука најавтентично можеше да се почувствува космополитскиот дух на модата како лепеза на индивидуални доживувања на дизајнерите. Естетски драстично различни, од авангардни и драматизирани интерпретации до минималистички и прагматични, ама сепак компактни во една целина што има мисија да поврзува и да оствари комуникација.

 

Студентите на Арт и дизајн при Европскиот Универзитет следеа со групна ревија приредувајќи тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лорен и јас". Младешката енергија на идните дизајнери секогаш носи добредојдена свежина за ваквиот тип на настани, но и генерално за домашната модна сцена.

Низата од различни и карактеристични модни интерпретации на студентите на водечката тема, веќе создава чувство за индивидуално поимање и презентирање на сопствената идеја, иако треба да се земе во предвид дека допрва ќе го оформуваат својот дизајнерски ракопис.

Повеќеслојноста можеше да се примети и во однос на слободата на пристапот во изразувањето, па меѓу нивните дизајни имаше од такви кои дефинираат храброст до такви кои држат до резервираност, секој со своја улога во комплетната слика.

 

Гостинката од Косово, Yllka Brada, со својата модна ревија ја заокружи првата вечер на оваа сезона на Моден викенд, ставајќи ја дамата во еден модерен контекст. Нејзината линија е фокусирана на трендовски парчиња со елегантна и свечена нота, додворувајќи им се на жените кои во својот индивидуален стил оставаат простор за актуелни тенденции.

Втората вечер на FWSK продолжува денеска со почеток во 19 часот, со групна ревија на Евгенија Зафировска, Софија Урумовиќ и Мaрија Кулусиќ, па следува самостојна ревја на Маја Кикириткова, а вечерта ја завршува модниот перформанс на Arthropoda.

Објавено:
30 март 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
804 пати