Објавени номинациите за Спа наградите

15 јуни 2015

Викендов во кругот на Хотелот Русија во Скопје, беше одржан свечен коктел на кој беа претставени номинираните објекти за престижните Spa Awards (Спа награди) во организација на Balkan Spa Awards, а нивното доделување е закажано за септември во Македонскиот народен театар.

По втор пат Македонија ќе биде домаќин на овој интернационален настан кој има за цел да ги зајакнува капацитетите на Спа индустријата од Балканскиот регион, вмрежување на инвеститорите, подигање на капацитетите на професионалните структури во секторот да го унапредува и промовира разбирањето на културата за користење на спа услуги од корисниците.

„Спа наградите и воопшто влегувањето во самата листа со номинации е исклучително значајно за овие центри, затоа што тие веќе се  влистени во нашата мрежа и со тоа по автоматизам добиваат меѓународна афирмација, популаризација и отворање на многу дополнителни можности за зголемување на стандардите и доведување до степен на виртуозност на ова хедонистичко искуство, што во извесни земји веќе стана потреба, па дури и лек. Всушност тоа и е целта на нашата организација и оваа иницијатива“, изјави Николај Диковски, Претседател на Спа номинации.

Изборот на најуспешните се врши во категориите: Спа дестинација, Спа хотел –зимен/летен/ресорт, Спа центар,  Спа изградба и опрема, Спа менаџер, Спа продукт, Спа инвестиција.

Во изборот учествуваат објекти од осум земји: Турција, Романија, Грција, Србија, Бугарија, Косово, Албанија и Македонија.

Изборот на номинираните објекти кои влегуваат во конкуренција за добитници на наградите во соодветните категории го врши меѓународно жири составено од експерти од сите 8 балкански држави, а претседател е СилвијаПаскалева.

За да се задржи концептот на настанот, дрес кодот се однесуваше на симболичната комбинација од сина и бела боја, па најголем дел од гостите го испочитуваа протоколот и го обоија настанот во двете бои.

 

Објавено:
15 јуни 2015
Категорија: 
Актуел