Облека и суеверија: Што носи среќа, а што несреќа?

15 август 2019

Суеверијата се многу распространети меѓу народот. Некој навистина верува во тоа, а некој го чита само за забава.

Во која и група да спаѓате, ние во продолжение ќе ве потсетиме на некои од најпопуларните суеверија поврзани со облеката. 

 

1.Облека наопаку

Ако случајно облечете парче облека наопаку, тој ден би требало да ви биде мошне среќен. Кога некој ќе ви укаже на тоа дека сте се облекле погрешно, само насмевнете се, но не ја исправајте грешката, секако доколку сакате цел ден да ве следи среќа. Истото се однесува и на чорапите. Случајното облекување на чорапи наопаку се смета за добра среќа. Исто така, морате така да ги носите цел ден за среќата да се реализира.

 

2.Копчиња 

Непарен број копчиња на облеката треба да донесе посебна среќа. Веројатно сега нема да одите и да ги броите копчињата или да дошивате некое за непарен број. Но, интересно е дека давањето и примањето копчиња симболизира долго пријателство. Уште едно суеверие е поврзано за копчињата, а распространето меѓу народот - ако пронајдете копче на улица или некое друго место, треба да го земете и да го ставите во џеб, бидејќи тоа е знак на среќа која треба да ви се случи. 

 

3.Облека со точки

Ова е едно од најстарите суеверија врзани за облеката, распространето во различни делови од светот. Имено, се смета дека носењето облека со точки привлекува богатство. Округлите облици всушност претставуваат мноштво парички, кои наскоро ќе се најдат во вашиот џеб или сметка.

 

4. Сина облека

Се смета дека сината боја е боја на среќата и привлекува успех. Небото е сино, па оттаму и облеката во таа боја симболизира поглед кон горе, односно поглед кон безбројните можности. Исто така, во амерканската култура е познато дека невестата на денот на венчавката треба да носи „нешто сино“ за среќа.

 

5.Чевли

Кога врвките на вашите обувки постојано се одврзуваат иако веќе неколку пати сте ги врзале, значи дека треба да добиете добри вести. Ставањето чевли на маса или кревет значи лоша среќа и може да очекувате дека наскоро ќе се скарате со некого. Нас повеќе ни оди мислата на хигиенски причини, а ова е само лош изговор.

Исто така, постои народно верување дека доколку партнерот ви подари обувки, вашата заедничка иднина е ставена под знак прашалник. Односно, тоа всушност значи дека вашиот партнер сака да заминете од врската. Зарем некој би купувал обувки, ако не сака веќе да биде со вас :)?

За крај, се верува дека макар еднаш во животот требате да донирате обуки некому кому му е потребна, бидејќи ако не го направите тоа, во следниот живот ќе чекорите боси. 

 

Без разлика што велат разните верувања, донирајте секогаш кога имате можност за тоа, носете што ви се допаѓа и имајте чисто срце и мисли и бидете благодарни за се' што имате и проверено ќе бидете среќни :).

Објавено:
15 август 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.310 пати