Одржувањето на следните „Оскари“ под знак прашалник?!

21 мај 2020

Магазинот „Variety“ вчера ексклузивно ја сподели веста дека следното, 93. издание на Оскарите е ставено под знак прашалник. Според нивните извори, манифестацијата ќе биде одложена поради пандемијата на Ковид-19, но официјална потврда од Академијата за филмска уметност, сè уште нема. 

Во април беа најавени нови, привремени, промени на правилата за нетпревар за престижната награда. Претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, тогаш нагласи дека е премногу рано да се знае како би се вршел преносот на „Оскарите“ следната година, но дека промени секако може да се случат.

„Невозможно е да знаеме што ќе се случува. Знаеме дека сакаме да го славиме филмот, но не знаеме во која точна форма ќе се случи тоа“, изјави тогаш Рубин.

Правилата досега беа дека филмот мора да има седумдневна екранизација во кината во Лос Анџелес, за воопшто да можат да се квалификуваат на наградата. Минатиот месец тие правила малку се изменија, па оваа година ќе можат да се квалификуваат и филмови кои се дигитално објавени, доколку студиото првично планирало да има екранизација во кино.

„Сметам дека сите сочувствуваат со режисерите и тука сме да ги поддржиме нашите членови и филмската заедница. Мораме да направиме исклучоци за оваа година, во време кога кината не се отворени, за големите филмски остварувања сепак да можат да бидат прикажани и прославени“, истакна Рубин.

Според новите правила, се овозможува екранизацијата за квалификуваните за Оскар да се одржи и други градови освен Лос Анџелес - Њујорк, Чикаго, Мајами, Атланта и други.

Што се однесува до информацијата која ја сподели „Variety“, Академијата одби за сега да ги коментира, така што сè уште не се знае конечниот исход, како и тоа дали евентуалното одложување на „Оскарите“ може да значи дека и филмовите по истекот на рокот за квалификација за 93. издание на манифестацијата, сепак ќе можат да учествуваат.

Инаку, Оскарите за 2021 и 2022 година беа закажани за крај на фебруари (28.02) поради поклопувањето со Зимските олимписки игри, како и со финалето во американски фудбал.

Објавено:
21 мај 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
198 пати
Тагови: 
Оскари