Организирани креативни работилници за поттикнување на интересот за модната индустрија

27 октомври 2013

 

Како подршка на проектот за афирмација на текстилната насока, како и привлекување на креативните ученици кои имаат афинитети кон дизајнот на облека и други слични сегменти од текстилната индустрија во просториите на СОУ „Таки Даскало“ во Битола, се одржаа неколку креативни работилници кои за момент на модата и модниот свет му дадоа една поинаква визија и ги повикаа сите креативни осмоодделенци да размислат за модниот дизајн како нивна идна професионална определба. За таа цел поразговаравме со една од организаторките дизајнерката и професор, Лили Кадинска.

 

 

„Со оглед на фактот дека интересот за запишување на образовните насоки кои што се со префикс текстил е во постојано опаѓање, сакав да започнеме една поинаква кампања за привлекување на нови ученици кои ќе бидат креативни и квалитетни и кои ќе сакаат своето понатамошно образование да го продолжат на некоја од насоките кои ги нудат текстилната и модната индустрија. За таа цел сакавме да ја популаризираме и доближиме оваа тема низ отворени предавања и работилници да ги запознаеме младите што можат да научат, како се работи во рамките на текстилните смерови, со цел за нивно интерактивно учество во целиот проект“, вели Лили.

 

1393077_600408776684718_351758863_n

 

За предавачите и луѓето кои што ги водат различните работилници кажа дека се компетентни и стручни во својата област и додаде дека се работи за луѓе кои има што да кажат и кои дополнително би биле мотив плус за веќе постоечките ученици, па и за оние кои се на добар пат да бидат.

 

 

„Нашата земја има богат текстилен потенцијал, па следствено на тоа индустеијата може да биде доста профитабилна доколку кадарот кој што се образува во оваа насока е квалитетен и компетентен. Воедно професиите поврзани со текстилот и модата воопшто важат за едни од најкреативните и најинтересните определби“ продолжи Кадинска.

 

 

Дизајнерката ни ги потенцираше и целите на ваквите работилници:

-Едната е веќе постоечките ученици да го зголемат своето знаење и да ја разберат суштината на нивното образование, да се мотивираат и да ги прошират своите видици, а другата цел е да им покажеме на новите ученици кои треба да се запишат дека тука ќе ја добијат вистинската база и образование врз кое понатаму ќе се надградуваат.

Елена Додевска која дипломирала fashion brend and management на тема: „Вовед во модна индустрија“, на ова предавање ги опфати сите сегменти на модната индустрија, а се разговараше и за тоа што е всушност мода? Уметност или бизнис. Се зборуваше и за влијанието на медиумите, модната критика, на клиентите, како се формираат трендовите и слично.

 

 

Покрај Елена, на 25 октомври, предавање одржа и специјалната гостинка од Швајцарија Тамара Перез, за која Лили вели:

„Второто предавање беше на Тамара Перез дизајнер од Швајцарија со македонско потекло. Таа своето предавање го одржа на тема „Животот на една колекција после нејзината концептуализација“. Се зборуваше за тоа што се случува со колекцијата откако таа ќе биде завршена, дали треба дизајнерите да бидат задоволни само со аплауз на крајот на шоуто или неопходни се платформи за промоција и помагање на дизајнерите како што е тоа случај на запад. Се зборуваше и за концептуалните продавници и e-stores. Стана збор и за потенцијалот со кој располага нашата земја, но и за неопходноста од компетентни и квалитетни лица, за неопходноста од купувачи на дизајнерски парчиња кои треба евидентно да се бараат надвор од нашата земја“.

 

 

Кадинска ни откри и дека во продолжение до крајот на учебната година ќе следуваат уште многу предавања, работилници и активности поврзани со гореспоменатите цели. Овие активности се во организација на професорите од текстилната насока во СОУ „Таки Даскало“, Битола и кариерниот центар во истото училиште.

 

Објавено:
27 октомври 2013
Категорија: 
Актуел