Стартува функционирањето на „Движењето за поддршка за креативноста“ во чест на еден од основоположниците на современата македонската креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.
Поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови е клучната цел на новото движење.
„По една година од смртта на Иво Лауренчиќ денеска го формиравме Движењето за поттикнување млади кадри и поврзување на млади и креативни кадри со претприемаштво. Во Македонија постојат многу приватни иницијативи и претприемачки иницијативи за развивање нови производи и она што го чувствуваме сега е дека нема поврзување меѓу креативниот и производниот дел и често пати производите кои навистина заслужуваат повисоко ниво на пазарот, повисок третман ја губат душата со тоа што не се поврзани со креативноста на младите луѓе, изјави бизнисменот Светозар Јаневски, кој во едно беше избран и за претседател на движењето.
Иницијативниот одбор на движењето оценува дека на Македонија не и недостигаат креативни, талентирани и образовани, пред сè млади луѓе, ниту пак од друга страна претприемачки идеи за нови услуги и производи. Својата мисија, како што беше истакнато на основањето, Движењето ја гледа токму во нивното поврзување, во поврзувањето на креативноста и на потенцијалните нови производи, но и во охрабрувањето да ги реализираат своите идеи на пазарот и во општеството.
Работата на новото граѓанско здружение ќе биде јавна, а неговите цели и задачи ќе се остваруваат преку организирање настани, конкурси, натпревари и креативни работилници наменети за талентирани поединци од областа на дизајнот, маркетингот, комуникациите и останатите сродни дејности. Во едно здружението ќе работи на подигнување на свесноста во јавноста за потребата од поголеми вложувања и иновации во уникатноста и идентитетот на домашните производи и услуги и градењето силни национални брендови.
На основачкото Собрание на Движењето присуствуваа голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, беа усвоени статутот и останатите документи што ги содржат мисијата, визијата, целите и задачите на движењето. Беа избрани и членовите на органите за управување.
Беше упатен апел до сите заинтересирани професионалци од различни бранши, со различни афинитети и способности, докажани во своите средини, но пред сè луѓе со космополитски дух, да се приклучат кон Движењето и со својата работа и знаење да придонесат кон остварувањето на неговата благородна мисија.