Отворен повик за работилница за сито печат во „Кула“

14 април 2015

Културниот центар „Кула“, го објавува вториот повик од серијата работилници кои ќе остварат до крајот на годината. Повикот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе кои веќе имаат познавања или би сакале да се запознаат со техниките на сито печат.

Работилницата ќе се одржи од 22. до 26. април под менсторство на Самир Карахасан, Стефан Николовски и Ертунч Сали, а рокот за пријавување е до 19. април. Бројот на учесници е ограничена на 20 луѓе.

Учесниците на оваа работилница ќе имаат прилика да се запознаат со техниката на сито печат, со начинот на кој таа може широко да се примени, и истовремено ќе се посветат на печатење на сопствен дизајн. Откако ќе се совладаат основните техники на сито печатење, дизајнот на кој ќе се работи ќе се аплицира на хартија и маици.

Поради потребата од индивидуално печатење, учесниците ќе бидат поделени на две групи, од кои со првата ќе се работи на 23 и 24 април, а втората ќе печати од 25 до 26 април. Ден пред да започне работлницата, на 22 април од 17 часот, задолжително е двете групи да проследат предавање за сито печат и меѓусебно да се запознаат. По завршувањето на работилницата, на 27 април ќе следува изложба на изработените дизајни.

Работилницата е подржана и финансирана од Холандската Амбасада во Скопје.

Сите заинтересирани можат да се пријават преку испраќање на пополнета апликација заедно со сопствен монохроматски дизајн на кој би сакале да работат и краток опис на делото на workshop@ku-la.org најдоцна до 19 април. Не е неопходно дизајнот да биде завршен, доволно е да ја отсликува почетната идеја на учесникот (може да се работи за цртеж, скица, илустрација итн.), меѓутоа потребно е да биде во А4 дигитален формат за да може да се аплицира на предвидените производи.

За учество во работилницата не е потребно предходно искуство во оваа област.

Повеќе информации можете да добиете на workshop@ku-la.org.

 

Објавено:
14 април 2015
Категорија: 
Актуел