Ова е најскапата вреќа за ѓубре – од Баленсијага

4 август 2022

Контроверзијата очигледно стана значаен дел од маркетинг стратегијата на луксузниот бренд Баленсијага.

Новиот бизарен тренд што ни го понуди брендот, а отвори дебати, негодувања, па дури и шокираше, е чантата која е инспирирана од и наликува на ќеса за ѓубре.

Истата беше промовирана во рамките на последната зимска колекција, која пред јавноста беше презентирана на модна ревија во март годинава.

„Не можев да ја пропуштам шансата да ја дизајнирам најскапата вреќа за отпад во светот, бидејќи кој во суштина не сака моден скандал?", вели за WWD Демна Гвасалија, креативниот директор на Баленсијага.

Чантите, односно вреќите за ѓубре, доаѓаат во црна, бела, сина и жолта комбинација и чинат 1790 долари (и веројатно токму високата цена најмногу ги разлути интернет корисниците кои својот револт го изразуваат во коментари на социјалните мрежи).

Претходно, сличен скандал Демна предизвика со „уништените" патики, кои чинеа од 495 до 1850 долари.

Објавено:
4 август 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
138 пати