Почина Дајен Керол, една од ѕвездите на „Династија“

5 октомври 2019

Познатата актерка и пејачка, Дајен Керол почина вчера во 84. година од животот. Нејзината ќерка, Дизан Кеј изјави за медиумите дека нејзината мајка починала во Лос Анџелес од рак.

На Керол ќе ѝ биде дијагностициран рак на дојката во 1997 година, што ќе биде голем шок за неа, бидејќи како што ќе каже во една прилика, во семејството немаат историја со оваа болест, а секогаш водела здрав начин на живот. После 9 недели терапија со зрачење, го победува, но после долги години повторно се враќа. 

Во текот на нејзината кариера успеа да го покаже својот раскошен талент и да остави значителен белег зад себе. Во младоста се занимава со моделство, а по неа ќе бидат направени и првите „црни“ Барби кукли.

Во 1970-тите години таа  е првата афроамериканска актерка која успеа да добие главна улога во Тв ситком (Џулија), а да не е член на послугата. Таа ја играше Џулија Бејкер, болничарка чиј маж умира во Виетнамската војна, а која се емитуваше од 1968 до 1971 година.

Со огромна популарност се стекнува и како дел од актерската екипа на култната „Династија“. За потсетување, таа во серијата ја толкуваше Доминик Деверо, полусестрата на Блејк Карингтон, која ѝ се спротиставуваше на немилосдрната Алексис Колби, која ја толкуваше Џоан Колинс (86).

Инаку, Керол успеа да го освои и „Бројдвеј“, па е наградена со „Тони“ награда за мјузиклот „No Strings“, а беше номинирана и за „Оскар“ за улогата во филмот „Клодин“.

Во едно дамнешно интервју ќе изјави: „Сакам да бидам богата и немилосрдна... Сакам да бидам првата црна кучка на телевизија“.

И навистина, таа успева да го пробие патот за многу други генерации Афроамериканци.

Со неа се простија голем број познати личности, меѓу кои и Лени Кравиц:

„Пионер, впечатлива, силна и прекрасна црна жена. Ѕидовите што ти ги струши за себе и другите се огромни. Благорен сум што те имав во својот живот и благодарен за прекрасното попладне кое го поминавме заедно минатата недела. Почивај во небескиот мир тетко Д. Бакни ја фамилијата за мене“, напиша музичарот.

Дајен Керол е родена на 17.јули 1935 година.

 

 

Објавено:
5 октомври 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.454 пати