Почнува 35-от моден викенд во Белград

24 март 2014

Од 28-ми до 4-ти април на неколку локации во Белград стартува 35-то издание на Perwool Модниот Викенд. Програмата од најновото издание вклучува  дванаесет модни претставувања, а мразот прв ќе го скрши српскиот дизајнер и костимограф  Бата Спасојевиќ. Оваа сезона белградскиот моден викенд од својата програма вклучува повеќе млади дизајнерски имиња, а освен од српската модна сцена, своите последни дизајнерски видувања за претстојната сезона ќе ги презентираат и дизајнери од Загреб. Уште од своите почетоци , организаторите на модниот викенд им овозможуваат на младите модни автори да го остварат својот сон, а нивните проекти полесно да добијат поширока афирмација.

 

Како загревање на модните денови кои следуваат, утре на Белград ќе му се случи колективна модна изложба на 37 српски модни дизајнери, кои преку сопствени модни скици ќе се потрудат на еден креативен заеднички начин за прв пат на ваков начин преку изложба,  да го најават почетокот на модната недела.

 

Инаку, освен во Белград, Србија пулсира во ритамот на модата и во Нови Сад на Петроварадинската тврдина, каде веќе се одржува интернационалниот фестивал на модата и дизајнот „Србија Моден Викенд“. Љубителите на модата имаат прилика да уживаат во ревиите на домашните и интернационалните дизајнерски имиња, едукативни конференции, изложби од областа на архитектурата, ентериер, екстериер, музички концерти,  како и доделувањето на наградите за најдобрите домашни дизајнери. Како специјален гостин на српскиот моден викенд е познатата шпанска дизајнерка Агата Руиз де ла Прада, чиј бренд функционира веќе 30 години.

 

Агата е позната по своите ексцентрични креации, а во Нови Сад ќе ја презентира последната есен-зима колекција за 2014/15 година. Fashionel секако ќе ве информира за сите случувања поврзани со модната недела кај нашите соседи.

Објавено:
24 март 2014
Категорија: 
Актуел