Полемики околу „војничкиот“ стајлинг на Меланија Трамп – спореден дури и со нацистичките униформи

27 август 2020

Време пред претседателски избори во САД. Политиката го користи сиот свој ПР „арсенал" во предворјето на изборите, па секој детаљ се анализира и се става во различен контекст, во зависност од тоа чија страна се застапува. Битно е што се зборува, како се зборува, но и што се носи.

Така деновиве е на мета милитари стајлингот на првата дама Меланија Трамп, што го одбра за нејзиното појавување на националната републиканска конвенција каде одржа и говор.

За оваа прилика таа одбра комплет во војнички стил со потпис на престижната модна куќа Александар Меквин, па многумина (особено оние кои не ја подржуваат политиката на нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп), запрашаа за каква војна се подготвува.

Социјалните мрежи се преплавени со коментари и „мемиња" на кои аутфитот што го носи Меланија е спореден дури и со униформата на нацистите.

Се коментираше и тоа дека, додека нејзиниот говор се однесуваше на мир и смирување на разгорената ситуација во САД, на поддршка на сите луѓе кои се соочуваат со пандемијата, нејзиниот стајлинг е контрадикторен во однос на оваа топла реторика.

Твитер заедницата беше особено гласна, па не ја поштеди првата дама на САД и од критички „мемиња" кои алудираат на погрешниот избор на облека за оваа прилика.

Од друга страна пак Меланија е препознаена како една од најстилските први дами, која секогаш внимава на беспрекорниот изглед. Но, покрај естетиката од голема важност е и симболиката на облеката што ја носиме, а овојпат, токму симболиката беше искористена против неа во особено значаен политички период.

Претходно, Меланија наиде на гласни критики и поради преуредувањето на познатата Градина на розите во Белата куќа, каде беа отстранети дел од дрвјата и целиот пејсаж доби поминималистички стил.

 

 

Објавено:
27 август 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
783 пати
Тагови: 
Меланија Трамп