Седмото издание на „Balkan Art Fashion Event" заврши, а во рамки на истото се претстави и нашата дизајнерка Евгенија Зафировска. 

Ова е нејзино второ учество на оваа модна манифестација што се одржува во Белград. На годинешното издание се претстави со колекцијата „Pop up“, а веднаш по враќањето во Скопје, таа за Fashionel ги сподели и своите први впечатоци:

-По втор пат сум учесник на регионалниот настан BAFE. Чест ми беше да сум помеѓу учесници од Хрватска, Босна, Словенија, Србија и секако Македонија. Настанот се одржа во „Студентскиот Kултурен Центар“. Професионалноста во организацијата на овој настан придонесува презентацијата на креациите да биде на највисоко ниво. Со дел од тимот на BAFE соработуваме и на „Скопје креатива“. Среќна сум што повторно работев со нив. Тие се млади, амбициозни и позитивни луѓе. BAFE не е само настан, тоа е едно големо семејство што му е потребно на секој млад дизајнер. Многу љубов на едно место - вели Зафировска.

Инаку, во најновата колекција Евгенија комбинира класичен и спортски изглед во црвена и црна боја. Широки, волуменозни силуети и нагласени рамници оставаат печат врз целата колекција. Исто така, доминираат остри и јасни линии, геометриски форми, вдлабнатини инспирирани од архитектурата и сенките од неа. Наменета за жени, кои се сестрани, силни и сензуални, но истовремено строги и мистериозни.

Објавено:
23 декември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
367 пати