Порака од „Штип арт активисти“: Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!

17 април 2020

„Штип Арт активисти“ во текот на овој период кога претпазливоста, совесноста и свесноста треба да се на прво место, се труди преку својата креативна работа да допре уште повеќе до своите сограѓани да ги следат препораките и да помогнат во заштитата на сечие здравје. 

Во продолжение ви ја пренесуваме нивната порака - пишана и уметничка.

„Во време на активна и секојдневна борба со COVID-19, нашите вистински супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас - здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме и себеси и нашите семејства.

Нивната макотрпна работа во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата. Затоа, ние како локални активисти ја направивме оваа акција со која укажуваме да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на COVID-19. 

Во оваа, како и во претходните акции на „Штип арт активисти“, ги искористивме хероите на Марвел, познатите Хулк, Тор и Капетан Америка. Сакавме пред сè на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредиме нашите сограѓани со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабриме да ги почитуваат мерките. Со оваа споредба сакавме да ги потсетиме штипјани дека единствено со почитување на мерките сите ние можеме да сме супер-херои, да дадеме свој придонес, и на тој начин да искажеме благодарност до нашите здравствени работници, полицајците, пожарникарите, војниците, вработените во маркетите и текстилните работници/чки за нивната пожртвувана работа.

Изразуваме благодарност и до здружението „Гласен Текстилец“, кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, што ни овозможи да ја вклучиме и нивната хероина „Супер Текстилка“ во акцијата, за да укажеме на правата на вработените во големите хали. Текстилните работници/чки од нашиот град се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со нашата акција потсетуваме дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки.

Се надеваме дека нашата основна порака “Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!” ќе стигне до нашите сограѓани и ќе успееме што поскоро, со заеднички сили, да излеземе од оваа здравствена криза во која се наоѓаме во моментот.

#ЗаштитиСе #СедиДома # ЗаштитиГиРаботничките #ИработничкитеСеСуперхероини #ПочитувајГиМерките #БидиОдговоренПревозник“

Објавено:
17 април 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
185 пати