Густав Тасел, 88 годишниот дизајнер чии урбани креации ги носеа некои од најгламурозните и најистакнати жени во 60 – тите години меѓу кои и Џеки Кенеди, беше еден најактуелните во своето време, а неговите дизајни беа едни од најпочитуваните. Истите беа олицетворение на неверојатно чувство на едноставност, совршени линии и префинети детали.
Меѓу неговите лојални клиентки беа и принцезата Грејс од Монако, потоа војвотката од Виндзор како и многу познати актерки.
Во неговите дизајни секогаш доминираа црната, сивата и темно сината боја. Во едно интервју за магазинот „The Globe and Mail“ во 1984 – тата година, дизајнерот изјави дека она што му е најтешко е да направи нешто подобро од самата појава и елеганцијата на малиот црн фустан.
Неговата најпозната клиентка дефинитивно беше големата Џеки Кенеди која што најмногу ги обожувала неговите елегантни фустани без ракави во кои таа многу често беше фотографирана.
Неговите дела многу често беа наградувани со високи награди и признанија, а дел од колекциите и денеска може да се најдат во некои од најпознатите музеи ширум светот.
Поради компликациите со Алџхајмеровата болест, како изјави неговата сестра и единствена наследничка, Ребека Велс Вајс, тој го загуби животот овој месец. Светот се збогуваше со овој почитуван дизајнер, а неговите креации ќе говорат и понатаму за неговата посветеност, креативност и умешност.