Повеќе од 1.000 граѓани чекореа за поддршка на болните од рак на дојка

1 октомври 2016

Повеќе од 1.000 граѓани од цела Македонија, меѓу кои и многу жени кои што во моментов се борат или веќе се избориле со рак на дојка, денеска со традиционалната розова прошетка и трка во Градскиот парк во Скопје им изразија поддршка на сите заболени од овој вид канцер. 

Хуманитарната манифестација „Напред розово“ се организира по осми пат, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ за различна помош на болните од овој вид канцер. 

Прошетката и трката се дел од манифестацијата „Напред розово 2016“, која традиционално се одржува по осми пат во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден, со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија и компанијата „Пелистерка“.     

Годинава, во рамките на манифестацијата, за првпат се организираше и хуманитарна трка во Градскиот парк во должина од 1 километар. Рекреативни тркачи, професионални атлетичари, мајки со бебиња во колички, мали девојчиња, повозрасни жени, но и членови на нивните семејства, беа дел од розовата трка која нема натпреварувачки карактер. По завршувањето на трката, сите учесници на манифестацијата облечени во розови маички заедно се упатија на симболична прошетка низ паркот преку која ја искажаа својата поддршка за оние што се борат со рак на дојка. 

Претседателката на „Борка“ и на Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, пред стартот на прошетката истакна дека ракот е потенцијално излечива болест која што може да се победи исклучиво преку вложување во професионално и етичко работење. 

- Тоа подразбира навремена дијагноза, ефективно лекување и достапност до современ третман и терапии. И покрај сите заложби на граѓанскиот сектор, здравствените институции и Владата, состојбата во нашата земја е алармантна и ни укажува дека малигните заболувања мора да станат приоритет на здравствените власти преку интензивно градење на одржлива Национална стратегија за контрола на ракот со цел да се подобрат поразителните факти - рече Додева.   

Сите собрани средства од регистрацијата за трката и прошетката ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.

 

Објавено:
1 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.237 пати