Познати убавици блеснаа во „Елена Лука“ на „Influencer awards 2019“

3 декември 2019

Комплетни и свои, убави гледано од секој аспект, четирите убавици што блескаа во креации на Елена Лука на вечерашниот настан „Influencer awards 2019" во организација на „Убавина и здравје", го освоија целото внимание.

Секоја различна и посебна, а споени под екстравагантната естетика на етаблираниот моден бренд Елена Лука, четирите дами: Вера Мештеровиќ, Лила Филиповска, Викторија Јаначковиќ и Елеонора Миљковиќ, вечерва ни донесоа авангарден дух и екстравагантен шарм кои се препознатлива дефиниција за дизајнот на Елена Лука.

Вера и Викторија во диско глам фазон – крации од новата колекција на брендот, Лила во романтичен, луксузен макси фустан, додека Елеонора во моќна црвена креација со волуменозни карнери, беа олицетворение на шик светска мода.

Индивидуалноста е силно изразена кај секоја посебно, што всушност е и водечката идеја на Елена Лука – облеката да биде во функција на карактерот на жената што ја носи и одраз на нејзината севкупна убавина.

Секоја од четирите дами има своја посебна приказна и релација со модниот бренд.

Лила речиси уште од самиот почеток на приказната е дел од семејството на Елена Лука.

-Постои лојалност, постои љубов, искреност, соработка... Кога ќе се погодат професионалци од двете страни успехот е неминовен. Мене најдобро ми стои Елена Лука и јас на неа, љубовта е заедничка, вели Лила за својата долгогодишна соработка со Елена Лука.

А со оглед на тоа дека токму Лила досега многупати добила признанија како највлијателна личност на социјалните мрежи, беше вистинска личност и прилика со оглед на темата на настанот, да ја прашаме која е стратегијата на еден добар инфлуенсер.

-Нема посебна стратегија, битно е да имаш доверба кај луѓето. Ако имаш стекнато доверба, како јас изминативе дваесет и кусур години, многу е полесно. Од тој аспект гледано, морам да кажам дека сум во предност во однос на младите инфлуенсери кои што допрва се докажуваат. Не е лесно да ги убедиш луѓето... За сè треба работа и професионалност, кои ги ставам како приоритет, а секако и креативноста е многу значајна. Ако сакате да сте успешни, оваа работа треба да се сфати сериозно. Во оваа професија нема лажење, затоа што производот е пред очите на сите и публиката сè препознава. Сепак морам да напоменам Инстаграм е социјална мрежа, а луѓето треба да го живеат својот вистински живот. За жал многумина го живеат својот живот само на Инстаграм. Но, за мене дефинитивно животот не е Инстаграм, вели Лила за професијата која станува се поактуелна.

Викторија се надоврза со свој став за тоа што според неа значи да се биде успешен инфлуенсер.

- Сметам дека еден инфлуенсер пред сè треба да е добар човек, и со својата работа или ангажман да придонесе за младите посебно. Мене таа популација ме интересира. Дали тоа ќе биде хуманитарна работа, добро дело, важно е да може добро да влијае на оние што го следат, Викторија става акцент на моралот и етиката во инфлуенсерството.

За своето долгогодишно и приватно и професионално пријателство со Елена Лука, Викторија потенцира:
-Луѓето што ме познаваат, знаат дека јас апсолутно се препознавам во стилот на Елена Лука, таа точно знае да дозира. Ние со целиот тим многу долго се познаваме, од друга страна и таа знае што може јас да износам, а што не и сметам дека е најдобра!

Поранешната мисица и една од најубавите македонки, Вера Мештеровиќ, беше прекрасна во фантастичен портокалов фустан, исто така со потпис на домашниот моден бренд.

- Секако дека изборот е повторно Елена Лука. Одлично се чувствувам во овој уникатен дизајн. Новата колекција, вклучувајќи го и ова парче е колоритна и се чувствувам освежено. Можам да забележам дека повеќето одбрале црна боја за оваа пригода, и ми се доаѓа што со оваа боја направивме вистински избор. Соработуваме веќе подолго време и тимот што победува нема потреба да се менува – вели Мештеровиќ.
А кога се инфлуенсерите во прашање ќе рече:

-Сметам дека е добро да ги има, бидејќи пренесуваат порака во разни категории – здравје, убавина, живот... Тие во една модерна форма ја информираат јавноста, влијаат за подобар и поквалитетен начин на живот. За инфлуенсерите има и многу предрасуди, дека сè се сведува само на сликање, но пораката всушност е длабока, или барем би требало да биде. Оние кои што се сериозни во оваа работа и кои се посветени во својата област, придонесуваат за поголема информираност, а убаво е кога некој од нив ќе сподели свое лично искуство и ќе препорача нешто, во што би можеле и други да се препознаат.

Младата, но исклучително популарна, особено на Инстаграм, Елеонора Миљковиќ е една од најактуелните инфлуенсерки кај нас.

-Инфлуенсер е нов поим кај нас, за разлика од светот каде долго време веќе функционира. Но, и кај нас се менува тоа, гледам дека сè оди на ново ниво, што секако е добро и за нас инфлуенсерите. Инаку да, се сметам за инфлуенсер, затоа што ме следат уште малку па 50.000 следбеници, кои не се купени, туку се реални и активни. Исто така, многу добро се заработува од Инстаграм маркетингот, би сакала овој тренд кај нас да продолжи и да се развива и понатаму – вели Елеонора.

На прашањето како и врз што би требале инфлуенсерите да имаат влијание ќе рече:

-Секој си има своја цел. Некои се посветени на мода, храна, стил на живот. Секој треба да си се посвети онаму каде што си се пронаоѓа и да ја реализира својата цел.

Во елегантен црвен фустан, што ја следи линијата на телото, со впечатливи, масивни карнери во горниот дел и откриени раменици, што посебно придонесуваат за женствениот и елегантен израз, таа го привлече вниманието меѓу присутните.

-Веќе извесно време соработувам со Елена Лука и досега се покажаа како најдобра модна куќа, со врвен квалитет и не би ги заменила за ништо во животот.

Како се наближува крајот на годината, така се сумираат впечатоците од истата, па во тој контекст Елена Лука во друштво на успешни жени, зад себе остава уште една успешна година полна со позитивни впечатоци.

Објавено:
3 декември 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
8.232 пати