Познатиот модел со Даунов синдром Меделин Стјуарт наполни 24 години

13 ноември 2020

Откако во 2015 година се појави во австралиските медиуми, а потоа и го оствари сонот да биде дел од модната индустрија, Меделин Стјуарт стана инспирација за многу млади девојчиња што како и таа имаат Даунов Синдром.

За овие пет години, оваа црвенокоса убавица успеа да биде дел од неколку модни недели, меѓу кои во Токио, Њујорк и Милано, да биде дел од десетици модни кампањи и фото-сесии, како и на бројни модни настани во Хаваи, Јужна Африка, Уганда, Лондон, Канада, Алјаска, Берлин, Рио...

На социјалните медиуми вчера објави неколку весели фотографии во чест на нејзиниот 24 роденден.

„Кога појадокот е совршен. 24 денеска“, стои во објавата.

За потсетување, на кариерата на Меделин ѝ претходи физичка преобразба. 

Со помош и поддршка на нејзината мајка Розана, Меди успеала да изгуби 20 килограми. Самодовербата со која се здобила после тој подвиг ја инспирирала да си ја проба среќата во светот на модата.

Имено, во процесот на слабеење, Меделин покрај тоа што се мерела, истовремено и се фотографирала, со што можела уште подобро да ја воочи разликата, а воедно и да ги вежба позите.

Оттогаш, пливање, танц, вежбање се нејзиниот стил на живот. Првата соработката ја оствари уште пред пет години, со компанијата Living Dead. 

-Лицата со Даунов синдром можат да направат што и да посакаат, само тоа да го прават со свое темпо. Дајте им шанса и ќе бидете наградени многу повеќе од тоа што сте можеле да очекувате. Мислам дека е време луѓето да разберат дека личностите со Даунов синдром можат да бидат убави и секси. Она што сакам да го научат од Меди е да не дискриминираат. Не судете за книгата според корицата. Сакам луѓето да научат да прифаќаат, сакаат и да бидат пријатни. За тоа се работи овде. Моделингот е забавен, но е само средство за да ја пренесеме пораката. Токму затоа ова што го работи е толку добро, затоа што не се работи за нас. Се работи за сите луѓе што се таму некаде и се малку различни, а им треба љубов. знаете ли зошто Меди толку многу ја сакаат? Затоа што таа се сака себеси. Меди вистински се сака себеси. Таа ќе ви каже дека е прекрасна. Добро, јас тоа ѝ го кажувам секој ден, но таа навистина верува во тоа. И токму затоа, нема да дозволам било кој да биде негативно настроен кон неа. Таа не разбира што е тоа дискриминација. Никогаш нема да дозволам да биде изложена на тоа. Ако можете да верувате во себе, ќе ја држите главата горе. Затоа ја сакаат Меделин. Затоа што кога ќе влезе во просторијата не суди никому - порачува мајката на Меделин.

И иако сега нејзините ангажмани се поретки поради пандемијата со Ковид-19, таа Меди ги користи социјалните медиуми за да сподели некој совет, корисна информација или пак порака и секако планира да ја продолжи својата кариера како модел и да ги инспирира сите лица со Даунов синдром, но и сите останати, без разлика дали се борат со некоја скриена попреченост или едноставно им недостасува мотивација и самодоверба.

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
13 ноември 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
284 пати