Празничен декор со потписот на Олгица Ѓоргиева

9 декември 2014

Во пресрет на новогодишните празници, македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева за нејзините клиенти подготви интересни аксесоари што сите клиенти премиерно ќе може да ги погледнат во нејзиното ателје многу наскоро.

„Создавањето на вакви аксесоари во овој период е нешто сосема нормално и нешто што е желба на секој еден креативец. Во моментов, речиси сите аксесоари се во процес на изработка, првичниот план ни е малку да го освежиме ателјето за новогодишните празници, а потоа секако и да ги израдуваме нашите клиенти“, вели дизајнерката.

Ѓоргиева посочува дека аксесоарите ќе внесат еден сосема поинаков, празничен дух во нејзиното ателје, а секако, по желба на нејзините клиенти ќе бидат изработени и нови по нарачка. Новогодишните аксесоари ќе бидат претежно во карирани дезени, но ќе има и некои со впечатливи светки.

„Всушност, со елката што ќе ја поставам тука, се продолжува приказната од минатата година кога во Сити Мол беше изложена онаа од стаклени топки - витраж. Оваа година ќе направам и нова елка со некои интересни празнични детали, можеби во сличен дух, со некои моменти исцртани на стакло“, вели Ѓоргиева.

Во однос на новогодишните празници, дизајнерката вели дека веќе е почната онаа стандардна еуфорија кај девојките и уште од сега се во потрага по совршената комбинација.

„Веќе почнаа да ми се јавуваат клиенти со нарачки за Нова година. За разлика од претходните години, некако оваа година се поумерени во барањата. Сакаат нешто попрактично, нешто што може да го носат и во други прилики. Поголем акцент ставаат на оние предновогодишни забави, или оние after party. Токму поради тоа и бараат такви попрактични парчиња. Најверојатно, новогодишната ноќ ја загуби својата магија, за разлика од претходните години“, појаснува Ѓоргиева.

Она што таа го препорачува како нешто неизбежно за новогодишната ноќ, е црната боја што никогаш не излегува од мода, и е нешто што постојано го бараат клиентите.

„Вообичаено бараат црно фустанче со некое дискретно ламе и кое што нормално, подоцна можат да го користат и за други прилики како за свадба или некоја друга свеченост. Црното секогаш е мултифункционално, така што со едно парче можат да завршат поголема работа“, вели дизајнерката.

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Актуел