Презентиран каталогот како резиме на дванаесеттиот FWSK

20 ноември 2015

Вчеравечер во урбаниот амбиент на новото омилено место, мезе барот и концептуална продавница „Јавна соба", Моден викенд Скопје го промовираше својот нов каталог како резиме на сè што се случуваше во рамките на 12-то издание.

Модата и културното наследство како водечка тема на овогодинешното издание на FWSK, го диктираше целиот концепт на настанот што за прв пат се одржа во Музеј на Македонија, со што се долови автентичниот дух на традицијата во спој со современиот моден дизајн.

Низ страниците на каталогот се сместени избор на фотографии од најновите колекции на 12-те учесници, но и проектите реализирани во рамките на настанот како модната изложба на Факултетот за арт и дизајн на ЕУРМ насловена „Свадбени приказни", како и проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу дизајнерите и фабриките", што резултираше со соработка помеѓу дизајнерката Ирина Тошева и македонската фабрика за спортска облека „Цеботекс". Нивната заедничка колекција, прва од ваков тип во рамките на македонскиот моден дизајн, ќе биде промовирана во декември.

Концепт-дизајнот за насловната на каталогот е на Јована Зука, графичкиот дизајн го реализираше Дејан Зафировски, а фотографиите во каталогот ги потпиша фотографскиот двоец Ани и Дими, додека продуцент во континуитет и оваа година е Света Богова Јовановска.

Марија Илиќ и Света Богова Јовановска

 

 

Објавено:
20 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
323 пати