Проектот „Коцка“ ги спои домашните млади танчари и модни дизајнери

20 ноември 2018

Тимот на проектот „Коцка" ја прикажа својата прва ревија и танцов перформанс на 17 ноември година во просториите на Домот на култура Димитар Влахов. Суштината на проектот беше поттикнување и афирмација на младите уметници и нивните дела од областа на современиот танц и модниот дизајн на територија на Македонија.

„Водени од прашањето - Која е местоположбата на еден млад танчер или дизајнер во хиерархијата која ја налага нашето општество? направивме колекција и перформанс кои ги преточивме во модни парчиња поврзани со актуелните теми во општеството во кое живееме. Стереотипи, предрасуди, неприфаќање во толпата, се само дел од оние нешта кои се "трн во око", а се занемаруваат“, велат од тимот на „Коцка“.

Предноста на оваа соработка е поврзување на различни дисциплини и соочување со препреки на патот кон поставените цели и самоостварување.

„Како кореограф на самиот танцов перформанс стои танчерката Адријана Данчевска. Танчерите кои беа дел од перформансот се воедно и учесници на проектот Инкубатор, во кој ќе заземеме учество како костимографи. Дизајнерите и организаторите на самиот проект се: Даниела Ѓуровска, Ангела Доневска, Марјан Бебекоски, Медаин Аслан и Христина Христова, а како ментори на проектот стојат Лидија Георгиева и Рисима Рисимкин“, додаваат од „Коцка“.

Инспирација на колекциите:

Даниела Ѓуровска (инспирација -Оган. Како синоним за борбеност, моќ , гордост) Ангела Доневска ( инспирација - Земја. Како синоним за откривање на непознатото и самодоверба за дејствување надвор од комфортната зона.) Марјан Бебекоски ( инспирација - Мраз. Како синоним за издржливост, храброст, амбициозност) Медаин Аслан ( инспирација - Yin Yang. Како синоним за прифаќање на различностите, реалноста и суштината на животот), Христина Христова ( инспирација Небо. Како синоним за имагинација, универзум, размислување надвор од границите).

Објавено:
20 ноември 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
240 пати