Прво одржливо поп-ап издание на Моден викенд Скопје од 1. до 3. октомври

16 септември 2020

Претстојното издание на Моден викенд Скопје, наместо традиционален концепт со модни ревии, ќе понуди едно поинакво доживување во кое акцентот ќе биде на одржливата мода.

Од први до трети октомври, во концептуалниот простор на Public Room во Скопје, FWSK за прв пат ќе организра одржлво поп-ап издание во соработка со ONLYAFEW, како центар за собирање на врвни брендови и нови таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап кон дизајнот

„Барате нешто уникатно? Ве покануваме да искусите во живо цела плејада на нови и стари колекции во нашиот шоурум. Инвестирајте во единствени парчиња на големи попусти и со прифатливи цени, поддржувајќи ја свеста на заедницата и модните херои на денешницата. Дозволете си да бидете почетник. Целосно одржлив начин на живот не се гради преку ноќ. Направете убав избор што ќе трае. Се гледаме наскоро!", велат организаторите во поканата додавајќи дека ова истовремено е и иницијатива која цели да покаже дека одржливиот животен стил не е толку тежок или скап како што некој може да помисли.

Со музички перформанс на маестралниот Gloomié за свечено отварање на дваесет и второто издание, наредниот четврток (01.10) со почеток од 19 часот во Јавна Соба ќе се означи стартот на најкултното модно случување во градот. Моден Викенд Скопје оваа сезона е конципиран како тридневен „поп-ап" настан со продажен шоурум, арт инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен од 10 до 22 часот во петок (02.10) и сабота (03.10). И дефинитивно е пригода што не се пропушта.

Списокот учесници на 'CONSCIOUS FASHION POP UP SHOWROOM' го сочинуваат низа еминентни и перспективни дизајнери и брендови од земјата и странство, како Irina Tosheva, Evgenija Zafirovska, Terziya, Stefanija Naseska, Para Todos, Minnimal MK, Kotev Ksenija, Seddum, Tessuti Art by Ana Jakim, Meleem, Senka, Lipa, Saksija Urban Pots, Siidess Furniture...Експонатите ќе може да се купат со големи попусти на принципот 'See now - Buy now'.

„Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови кои вреди да ги види широката публика. Главна цел како организациски тим ни е да им пружиме максимална поддршка на креативните дејци во моментот, фокусирајќи се на врвните имиња, но и на новите таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата. Тие се модните херои на денешницата, бидејќи позитивно влијаат на свеста на заедницата."- истакнува Милан Атанасов, координатор за односи со јавност на FWSK.

Моден Викенд Скопје ја продолжува плодната соработка со школата за уметност и дизајн Djolev and the Arts, чиишто студенти низ изложба на своите изработки ќе ви докажат дека на македонската мода и дизајн им се насмевнува светла иднина. Во однос на eдукацијата за целосната одржливост како начин на живот, којшто може да има длабок импакт на иднината на планетата и човештвото генерално, со професионални излагања на темата ќе се вклучат во панел дискусија претставниците на Fashion Revolution.

Кон мисијата да се промовира најдоброто од одржливиот дизајн во Скопје, како коорганизатор за реализација на проектот „Свесна Мода" се придружи берлинската консалтинг агенција ONLYАFEW, предводена од тандемот Дороти Сара Спехар и Кристина Илиевска, кои по пробивот на скандинавската сцена во Копенхаген, како нареден предизвик за проширување на нивната заедница ја препознаа нашата метропола.

„Ни претставува особена чест и задоволство што сме активно вклучени во сите аспекти, од планирањето до имплементацијата на идеи за овогодинешното издание на Моден Викенд Скопје. Нашата агенција нуди консултантски услуги скроени по мерка за брендовите, односно им овозможува да ја дефинираат нивната ДНК, заснована на одржливост, креативност и иновативност. Ја промовираме визијата за мали колекции базирани на вештини, разумни пласмани за продажба, фер услови помеѓу брендовите и трговците, како и радикална транспарентност."- нагласува Кристина Илиевска, креативен директор во ONLYAFEW

*За време на настанот ќе бидат применети сите мерки и препораки за заштита и превенција од КОВИД-19.

 

Објавено:
16 септември 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
281 пати