Работилница за накит од епоксидна смола

25 август 2016

За сите креативци кои сакаат да научат нешто повеќе за епоксидната смола како материјал кој се почесто се користи при изработката на различни ракотворби, како и тоа како да ја применат, ќе имаат можност да се стекнат со ново искуство на Работилницата за накит од епоксидна смола.

Работилницата ќе се одржи на 3. и 4. септември во Центарот за занаети „АРТиЗАН" во Старата скопска чаршија, под раководство на уметницата Марија Манева која стои зад етикетата Windmill, а веќе подолго време се занимава токму со изработка на накит од епоксидна смола.

„Оваа работилница е наменета за сите кои сакаат накит, сакаат да учат нови работи и да експериментираат по принципот „направи сам", имаат потреба слободното време да го поминуваат на поинаков начин, генерално имаат потреба од промена и внесување нешто ново во животот :), бараат дополнителен извор на приходи, има уште многу работи кои би можела да ги набројам тука, но најважно од се е: Ако ви треба креативно-катарзично дружење :) и одлично поминат викенд, ова е за вас!", се вели во најавата за работилницата.

Што ќе научите:

Епоксидната смола или позната како течно стакло е одличен материјал преку кој можете да ја изразите целата своја креативност. Со посетата на оваа дводневна работилница ќе го научите целиот процес за изработка на накит од епоксидна смола - обетки, прстени, брошеви, ланчиња:

- Што е епоксидна смола (течно стакло), како се користи и за што сѐ може да се употреби?
- Обликување на накит
- Употреба на калапи
- Излевање
- Вградување на фотографии, предмети, природни цветови
- Сушење, завршни техники и полирање

Секој учесник ќе добие материјали за работа доволни за изработка на 10 парчиња накит, неискористените материјали како и направениот накит по завршувањето на работилницата учесниците ги задржуваат за себе.

Бројот на учесници е ограничен на 10 лицa.

Повеќе информации во инбокс на фан страницата на Windmilljewelry како и на:
windmilljewelry@gmail.com

Објавено:
25 август 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.481 пати