Ралф Лорен ја прикажа пролетната колекција на иконската Abbey Road

23 мај 2014

Американскиот дизајнер Ралф Лорен го изнајми Abbey Road студиото во Лондон каде пред неговите одбрани гости ја прикажа пролетната колекција за 2014 година.

Презентацијата на неговите неверојатни модели се случи во делот на Второто студио во рамки на Abbey Road комплексот, каде ѕвезди како Битлси, Пинк Флојд и Клиф Ричардс снимија некои од нивните најзначајни албуми.

Меѓу гостите беа и моделите Амбер ЛеБон, Талула Харлех, како и пејачката и композиторка Дијана Викерс со нејзиното момче, кои уживаа во одличната музика на Зено и Д Стојкс.

На прашањето зошто дизајнерот го обра токму ова место за презентација на неговата колекција, тој посочи дека самата локација му била инспирација за создавање на колекцијата, а истата го потсетувала и на неприкосновениот дух и забавата што се случувала во Лондон во 60 – тите.

Во меѓувреме, Ралф Лорен како еден од најголемите спонзори и поддржувачи на East Hampton Historical Society, стана и партнер во реставрацијата на еден од најзначајните објекти во американската историја од времето на англискиот колонијализам – фармата Мулфорд.

По тој повод, Лорен создаде и специјална Ист Хемптон колекција на маички, бејзбол капи и торби за на плажа. Сите парчиња од колекцијата, ќе бидат достапни во неговата Поло продавничка во Ист Хемптон и секако, онлајн. Вкупно 50 проценти од продажбата ќе биде донирана за реставрација на историскиот објект.

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Актуел