Ретроспектива: За модата, првите дами и инаугурацијата

18 јануари 2021

Инаугурацијата на 46-от претседател на САД е политички настан кој на календарите ширум светот е заокружен на 20-от ден од месец јануари. Овалната соба овој пат ќе му припадне на Џо Бајден, а куферите од истата ќе ги спакува и ќе ја напушти Доналд Трамп. 

Изборите минатата година слободно можат да се пофалат со епитетот скандалозни, а со големо внимание, пред се' модно, ќе биде проследена и претстојната инаугурација.. Во својот фокус ќе ги стави Првите дами (и во случајот првата жена потпретседател во историјата на земјата). Со длабоко извинување до машката страна на приказнава, кои веројатно ќе бидат во формални костуми во црна или тегет варијанта - ништо спектакуларно, а впрочем такво и се очекува.

Но, дамите се сосема поинаква приказна. Тие треба да се современи, отмени, елегантни, доволно покриени и откриени. Многумина велат дека од појавувањето на Џеки Кенеди во улогата на Прва дама во 1961 година, инаугурацијата станала многу повеќе од политички настан. Белата тоалета без ракави изработена од шифон навезан со брилијанти вткаени со сребрен конец е креација на Етел Франкау од Бергдорф, по предлог на Првата дама. Она што ја издигна Џеки како модна икона на инаугурацијата, беше токму белата наметка која стана вистинска инспирација за многумина во идинина. 

Слична наметка во златна металик нијанса носи и Хилари Клинтон во 1997 година, веројатно инспирирана од Кенеди. Под неа, Клинтон се појавува во златна тоалета со сребрени детали на долги ракави, дело на Оскар де ла Рента. Оваа златнава варијанта е мноу посреќна од онаа виолетова, која Хилари ја носеше на првата инаугурација на нејзиниот сопруг. Везена со мониста, во смела виолетова боја, со надздолниште од кадифе и свилен муслин, креацијата е дело на Сара Филипс. Имајќи на ум дека имала 46 години, можеби фустанот би бил попривлечен без долгите ракави. Надздолништето е дефинитивно утка. 

Она што требало да го направи Хилари во однос на модниот избор, го прави Ненси Реган години пред неа. На првата инаугурација во 1981 носи фантастична бела везена тоалета со едно рамо, дело на Џејмс Галанос, а во 1985 повторно му ја дава довербата на истиот дизајнер. Но, овој пат нејзината зрелост, елеганција соодветствува на нејзините години и убавина, па повторно носи бела тоалета од шифон, овој пат со долги ракави додека везениот шаблон многу грациозно и ја отсликува фигурата во горниот дел. 

Да разговараме и за дамите Буш, бидејќи и двете привлекоа огромно внимание со својот избор.. Барбара Буш станува Прва дама во 1898 година. За поздрав е кралската сина боја која ја одбрала, како и кадифето како материјал бидејќи делуваат богато, раскошно. Здолништето од свилен сатен можеби и не е најсреќното решение во случајов (бидејќи сатенот знае да виси на границата помеѓу фантастично и ефтино) особено со тој набор и панделка, а и должината.

Колку голема улога игра и вистинската боја, доказ е Лора Буш, која од друга страна, има две слични опции: Фантастичната сребрена Оскар де ла Рента тоалета со преден шлиц од 2005 со која се искупи за онаа рубин црвена од 2001.

Мишел Обама е една од омилените Први дами во историјата, а остри погледи на осуда летаат секогаш кога некој ќе шепне негативен коментар во врска со нејзиниот изглед. Но, луѓе сме и грешиме, а и различноста во мислењата е честопати двигател кој инспирира промени. Многу слично како Ненси Реган, со бела тоалета на едно рамо на Џејсон Ву, во 2009 Мишел Обама станува Прва дама на САД на балот по повод Инаугурацијата.

Меѓутоа, на самиот чин на давање заклетва, Мишел се појавува во зелен костим на Исабел Толедо. Трите нијанси зелена (чевлите, костимот и ракавиците) се во неверојатен конфликт. Тргајќи го настрана фактот дека бојата воопшто не ѝ прилега на тенот, спакувана во ваков триделен облик, костимот само ја сече фигурата на Обама, правејќи ја несоодветна, без разлика на тоа колку таа знае да си ја носи својата градба. Но, се искупи 4 години подоцна, со младешка креација од Том Браун, инспирирана од машката кравата. На балот пак, заблеска во црвена тоалета од шифон со крој околу вратот, повторно дело на Џејсон Ву. 

И доаѓаме до најозборувана, Меланија Трамп, која без разлика дали ја мразите или сакате, искрено мора да признаете дека има фантастичен вкус. Синиот костим од Инаугурацијата во 2017 се верува дека е инспириран од Џеки Кенеди, а е креација на Ралф Лорен, додека белата тоалета со 3Д детал кој совршено ја отсликува нејзината витка фигура е дело на Ерве Пјер. Девојката нема утка кога е во прашање модата. 

Да зборуваме реално, кога е во прашање Инаугурацијата и Балот, првите дами ретко кога прават утка, освен можеби Пет Никсон во 1969 година со нејзината жолта креација и Розалин Картер во 1977 со сино златната. 

Останува отворено прашањето што ќе се носи на оваа инаугурација? 

Освен првата дама Џил Бајден, на списокот дами за следење се додава и Камала Харис. Се верува дека и двете довербата ќе ја дадат на американски дизајнери. Камала Харис досега соработувала со Каролина Херера, додека Џил Бајден често носи Ралф Лорен, но предвид доаѓаат и Габриела Хрст, Прабал Гурунг, Брендон Максвел. Останува да видиме дали Харис на инаугурацијата ќе се појави во костим со панталони како што сме навикнати да ја гледаме или сепак ќе се одлучи за некој фустан со соодветна должина. 

 
Објавено:
18 јануари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.228 пати