Рик Овенс ужива да шокира - бизарен перформанс на PFW!

2 октомври 2015

Пораката на Рик Овенс е гласна: неговата идеја е суштински да се продлабочи до содржината, додека формата останува второстепена, што од една страна го прави впечатлив и тема за полемики, но од друга страна го оддалечува од основната дизајнерска идеја – да ја промовира својата дизајнерска работа преку иновативноста во неговата сфера.

Неговите ревијални претставувања на колекциите може да ве шокираат или инспирираат, па дури и воодушеват, но во никој случај нема да останете индиферентни.

Овој пат, акцентот во колекцијата за пролет-лето 2016 што беше презентирана вчера во рамките на модната недела во Париз, беше ставен на бизарното пренесување на емотивната метафора за несебичноста и поддршката помеѓу жените. Па дизајнерот буквално ги врза своите модели кои во пар се појавуваа на писта, додека едната ја носеше другата превртена наопаку порачувајќи: Таа не е тешка, таа ми е сестра!

Ако функцијата на дизајнерите е да ја пренесат својата порака, идеја или став преку нивната облека, Овенс избира многу подраматичен, театрален и ексцентричен начин во кој колекцијата останува во сенка на „перформансот" или неконвенционалноста на неговите модели. Сега тие беа атлетски градени воини, кои со леснотија се движеа на писта и покрај „теретот" што го носат врз нив, упатувајќи на пораката за сестринството, мајчинството, жените за жените... Суштината на пораката е инспиративна, човечна и космополитска, но начинот на кој беше пренесена преку овој неконвенционален перформанс е сосема спротивен на неговата идеја, прикажувајќи ги жените буквално како висечки предмети. Поддршка или контра услуга?

 

Објавено:
2 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
830 пати