Р.Кели направи скандал сред интервјуто со Гејл Кинг

7 март 2019

Целото внимание вчеравечер беше свртено кон интервјуто што Гејл Кинг го направи со Р.Кели кој за прв пат јавно прозборе за сите обвинувања поврзани со сексуално злоставување на малолетнички и жени во неговиот дом.

Во еден момент, интервјуто стана толку тензично што раперот стана и почна да плаче и да се однесува хистерично, додека Кинг остана ултра смирена дама со стил, а утринава по социјалните мрежи фотографијата од тој момент е една од најпопуларните.

AP, CBS

„Искрено, не бев загрижена во ниту еден момент дека ќе се обиде да ме повреди на некој начин. Знам дека беше многу вознемирен со прашањата и дека го иритирав во некои моменти од интервјуто. Бев единствено загрижена дека поради тоа што тој реагираше многу бурно, би можел случајно да ме повреди. Во ниту еден момент не почувствував дека бев во опасност“, изјави познатата новинарка.

Раперот најмногу се растревожи во оној момент кога Кинг го праша дали е вистина дека имал афинитети кон малолетни девојчиња.

„Јас не направив ништо од ова за што ме обвинуваат. Никој од нив не ја кажува вистината. Ова не сум јас. Почнав да се борам за мојот живот“, рече музичарот низ солзи и бес гледајќи кон камерата.

По завршувањето на интервјуто, Кинг гостуваше во утринската емисија на Ци-Би-Ес каде посочи дека Кели тврдел дека има огромен број докази што потврдувале дека тој не е виновен, но со неа не споделил ниту еден.

 

Голем број познати ѕвезди ја поддржааа новинарката со твитови во кои коментираа дека таа била неверојатно храбра и достоинствена во секој момент од интервјуто, па дури и за време на скандалот.

Социјалните мрежи беа преполни со коментари за Гејл, а многу од нив се однесуваа на тоа дека таа ги претставува Афроамериканките во само една фотографија.

Други пак, не заборавија да потсетат на историјата на Афроамериканците и истакнаа дека ова е вистинската фотографија на која се гледа како луѓето се однесувале кон нив низ годините и дека ова само докажува како Р.Кели се однесува кон жените.

Reuters

По интервјуто, се огласи и една од девојките која била малолетна во времето кога се состанувала со музичарот, која истакна дека тој не знаел колку години има таа. Двете девојки за кои нивните семејства велат дека се во домот на Р.Кели и се негови девојки против нивна волја, ги отфрлија обвинувањата, а во интервјуто со Гејл Кинг кое треба да излезе следната недела, велат дека никогаш не правеле нешто што не сакале.

Инаку, во документарецот „Surviving R.Kelly“ режисерите сместија страшни изјави и признанија од жени кои низ годините на било каков начин биле малтретирани од пејачот, а очекувано, во интервјуто тој ги отфрли и овие обвинувања.

Во моментов, музичарот се наоѓа во притвор бидејќи одбива да плати алиментација за неговите деца во износ од 160.000 американски долари.

Објавено:
7 март 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
307 пати