Времето кога фотографиите за најпопуларниот годишен календар на компанијата Пирели, се базираа на стереотипното прикажување на убавината, совршеното лице, сексапилот и голите тела, е минато.
Последниве неколку години темите кои преку фотографии ги раскажува овој календар, продираат до подлабока суштина и имаат своја приказна.
За 2018 година, својата приказна ќе ја раскаже реномираниот фотограф Тим Вокер. Интересно е што тој за својот Пирели календар, во кастингот вклучи само црномурести модели – познати актери, музичари, модели, на тој начин апелирајќи за елиминирање на расните граници.
Темата преку која Вокер ќе ја прикаже својата идеја е „Алиса во земјата на чудата" што секако подразбира раскошна сценографија пресликана од некој фантастичен, паралелен универзум.
Пред неговиот фото-објектив како ликови од Земјата на чудата, ќе ги видите: Наоми Кембел, Пи Диди, Лупита Нјонго, Вупи Голдберг и многу други јавни личности од различни сфери на шоу бизнисот.
Минатата година фотографот Питер Линдберг го фотографираше календарот на Пирели во кој на црно-бели фотографии, без шминка и без постпродукција видовме дел од најпознатите холивудски актерки, во нивното природно издание.
Фото: Пирели