Сатенот од креациите на ЕЛЕНА ЛУКА му даде совршен сјај на крајот на второто издание на Skopje Fashion festival

13 ноември 2022

Вчеравечер, во рамките на второто издание на Skopje Fashion festival, етаблираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА ја промовираше својата нова колекција „Satin Dream" за сезоната пролет-лето'23 и претстави неверојатен раскош од сатен пред многубројната публика.

ЕЛЕНА ЛУКА го затвори првиот дел од вечерната програма со ексклузивна модна ревија на која беа презентирани атрактивните дизајни од новата свечена колекција.

„ЕЛЕНА ЛУКА како докажан бренд секогаш е подготвен за поддршка на домашната модна сцена и затоа овојпат се решивме нашата нова ексклузивна колекција „Satin Dream" за сезоната пролет-лето 2023, да ја промовираме во рамките на Skopje Fashion Festival и со тоа дополнително да го стимулираме нивниот ентузијазам. Навистина ми е драго што после период на пандемија, повторно сме заедно со нашата лојална публика и пријатели кои овојпат беа сведоци на едно вонсериско модно шоу кое непосредно им ја презентираше идејата за 'Satin Dream'.", ни открива г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Се работи за една исклучително авангардна свечена колекција, со сериозно разработен концепт од идеја до реализација, кој вклучува деликатни дизајни со впечатливи, рачно изработени детали, префинети и луксузни материјали, кои ја креираат безвременската приказна на „Satin Dream". Мојата идеја беше да создадеме вредност која ќе трае и која ќе го надмине тестот на времето, а тоа секогаш го постигнуваме кога создаваме раскош директно инспириран од убавината на жената. Овојпат идејата започна од сензуалноста на жените од митологијата, божиците и нимфите, што ја преточивме во модерни и атрактивни свечени тоалети. Така на нашите дами им ја овозможуваме привилегијата да се почувствуваат како вистински божици", додава Пандева, дополнително објаснувајќи го концептот на колекцијата.

Ко-организаторката Ангелина Китановска, која наедно беше и главното лице на промотивната кампања за „Satin Dream", ја имаше и еклкузивната можност да ги носи и да го почувствува раскошот на своја кожа, пред самите креации да бидат прикажани пред публиката.

„Сметам дека и самото име на колекцијата кажува, а и самата идеја е вистински преточена во секој од креациите. Тие прават да се чувствуваш како вистинска божица додека ги носиш. Од крој кој е толку едноставен, а наедно изгледа и толку раскошно, па се' до употребата на сите тие елегантни материјали", вели Ангелина за колекцијата.

Убавината и раскошот на жените од митологијата, божиците и нимфите, се креативниот импулс како инспирација за нова капсулна колекција „Satin dream" која својата приказна ја создава околу артистичниот моден израз.

Архитектурата, скулптурите и декорациите од старата грчка и римска уметност, вешто се преточени во модернизирана линија на ексклузивни тоалети кои на современите дами кои бараат смел и атрактивен дизајн, им ја овозможуваат привилегијата да се почувствуваат како вистински божици.

За да се постигне ефектот на грациозност, користени се памучен сатен, префинета органза и свилен жоржет, кои ќе ја овозможат леснотијата и сензуалноста при движењето, а истовремено ќе ја дадат перфектната нота на женственост како краен идеал на оваа капсулна колекција.

Комбинацијата на земјени тонови, златни и бакарни нијанси, потенцирани со рачно дизајнирани орнаменти и декорации, го отсликуваат раскошот на тоа време, правејќи умешна трансформација во денешното и идно модно време.

За самиот крај на ревијата, моделите се вратија на сината патека облечени во едноставна униформа брендирана во ЕЛЕНА ЛУКА, презентирајќи чанти и марами со потпис од брендот. Завршетокот на ревијата беше пречекан со громогласен аплауз.

„Она што можев да го забележам е дека за ревијата на ЕЛЕНА ЛУКА имаше најголема посетеност на овој Моден Фестивал. Во однос на колекцијата, би рекла дека е копмплетна, од глава до пети, со сите детали што се изработени. Од боите коишто се одбрани ги забележавме оние посмирените, убави и ексентрични кои даваат свежина, додека пак од кроевите забележавме слимфит модели, но оние кроеви кои што се послободни, кои сега се носат.", истакнува познатата манекенка, водителка и долгогодишна соработничка на ЕЛЕНА ЛУКА, Вера Мештеровиќ, потсетувајќи се на нејзините најсилни впечатоци од ревијата.

„Мислам дека е одлична колекција и е многу нослива. Мене барем, многу ми се допаѓа сатенот и ми е многу драго што повторно се враќа на сцената, и мислам дека тимот заврши одлична работа.", додава таа, истакнувајќи дека колекцијата се поклопува со нејзиниот личен стил, затоа што како што вели, ги сака сите материјали коишто се лелави и женствени.

„ЕЛЕНА ЛУКА е комплетна модна куќа со сето она коешто го има и може да се носи со сите модни центри. Во текот на годините сум учествувала на ревии надвор од нашата земја и навистина можам да кажам дека апсолутно ЕЛЕНА ЛУКА треба да го стори истото.", заклучува Мештеровиќ.

Ликовната уметница и професорка Јана Манева Чупоска, која е долгогодишна пријателка со директорката Елена Пандева открива дека будно го следи нејзиниот развој во делот со модата.

„Јас сум секогаш драг гостин и фан на сето тоа што брендот ЕЛЕНА ЛУКА го прави.", вели Чупоска. „Вечерашната ревија на мојот драг колега и почитуван професор Александар Рашковиќ е дефинитивно едно сериозно истражување. Го познавам неговиот истражувачки капацитет, што според мене е генерално најважниот пристап за добра колекција. Неговата диплома и интерес во делот на историја на костим дефинитивно се гледа во еден убав и сериозен моден редизајн. Драго ми е што проникнал и навлегол во неколку периода што ги забележав. Има малку од хеленистичката култура, малку од римската. Видов една Џозефина, жената на Наполеон, која е препознатлива по своите дијадеми, со тој висок струк, таа препознатлива лежерност, квалитетни и скапи материјални, и тоа е нешто што се препознава во истражувањето на дизајнерот. ", вели Чупоска за дизајнерот Рашковиќ, потенцирајќи на фактот дека покрај талентот, мајсторските и дизанјерските вештини, неговиот истражувачки пристап кон темата игра многу важна улога. Наедно, Чупоска додава дека во својата лична колекција има и прекрасен подарок од ЕЛЕНА ЛУКА, свечена и елегантна вечерна тоалета.

На вчерашната ревија присутна беше и писателката, поетеса и новинарка, Кристина Краличин, која исто така не ја сокри својата фасцинација од колекцијата.

„Мене многу ми се допадна колекцијата затоа што ЕЛЕНА ЛУКА знае како да ја истакне и потенцира елеганцијата кај жената и женската линија. И дефинитивно оној раскош кај жената е одлично претставен во колекцијата Satin Dream.", изјави Краличин која наедно ни откри дека во својата колекција има парчиња од ЕЛЕНА ЛУКА, а и на самата вечер беше облечена во кожен комплет во беж боја со потпис од брендот.

„ЕЛЕНА ЛУКА комплетно може да се носи со светската мода, рамо до рамо со светските креатори, затоа што ЕЛЕНА ЛУКА го поседува тоа ретко кој од домашните креатори го имаат, како начинот и стилот на изразовање", додава таа.

Проф. д-р Гордана Вренцоска, декан на Факултетот за арт и дизајн на Европски универзитет, за „Satin Dream“ ќе каже:

„Уште првите ноти од операта Лучија од Ламермур, која е препознатлива и како дел од музичкиот саундтрак на филмот Петтиот елемент, и првиот модел што го видовме на пистата, беше поставена атмосферата и духот на некаква безвременска компонента на колекцијата претставена пред публиката, или своевидно патување назад и напред низ историјата. Се работи за свечена и елегантна колекција, во која се гледаат инспирациите од античката класична митологија, но и нивни нео-класицистички и современи оживувања.“, вели Вренцоска.

„Иако се работи за креации кои наметнуваат ексклузивни прилики за носење, жени со различна возраст и стил можат да пронајдат свој фаворит во колекцијата, како што впрочем и јас пронајдов. Соработка со брендот Елена Лука имаме повеќе години, во делот на праксата на нашите студенти кои го изучуваат модниот дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Навистина сме задоволни од досегашното искуство и благодариме за шансата што им се укажува на студентите да извршуваат пракса во професионална и динамична работна средина.", додава таа.

Македонскиот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА, благодарение на визионерскиот пристап на сопственичката и генерален менаџер, г-ѓа Елена Пандева и професионалниот ангажман, успеа да ги донесе светските стандарди од глобалната модна индустрија на домашната модна сцена.

Визијата за македонски производ со светски дизајн и квалитет, започна да се реализира во 2008 година и за релативно кратко време, брендот успешно се позиционираше на домашната модна мапа.

За период од 2008 година до денес, ЕЛЕНА ЛУКА дефинираше едно многу повисоко ниво на македонската модна платфома, отворајќи нов правец во прогресот на модниот дизајн кој со секој свој аспект, се доближува до квалитетот кој го нудат најпочитуваните интернационални модни метрополи и светските модни брендови.

Денес, ЕЛЕНА ЛУКА е синоним за автентичен, авангарден и уметнички моден израз кој создаде свој единствен моден печат, препознатлив и на домашниот пазар, но и во глобалниот моден бизнис.

Уникатните парчиња од „Satin Dream" ќе бидат изложени во рамки на специјализираниот шоу рум кој исто така како дел од програмата на Skopje Fashion Festival ќе биде поставен во Skopje City Mall на првиот кат, а сите љубители на модата тука ќе имаат можност одблиску да се запознаат со новата колекција на брендот.

По завршувањето на програмата на Skopje Fashion Festival која се затвора на 20 ноември, „Satin Dream" ќе биде достапна во продажба во ателјеата на ЕЛЕНА ЛУКА во Скопје и Струмица, како и онлајн на www.elenaluka.com.

Објавено:
13 ноември 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.245 пати