Сè е подготвено за петтото издание на Skopje Design Week

25 ноември 2015

Петтото издание на „Неделата на дизајн“ во Скопје се отвора во утре, четврток 26. ноември во дизајн центарот „Јавна соба“. По тој повод беше одржана прес-конфенеција, на која организаторите и министерката за култура Елизабета Камческа Милевска ги изразија своето задоволство и радост за претстојниот настан.

-Обезбедувањето на ваков иновативен простор за сите креативци ќе помогне кон развивање на дизајнот. Сметаме дека со ова ќе ја подржиме независноста на еден културен центар, а воедно ќе покажеме колку дизајнот е неопходен и за економијата – изјави во дел од говорот министерката Камческа-Милевска.

Околу програмата и целта на Skopje Design Week се осврна програмскиот директор Марта Наумовска Грнарова.

-Петти роденден не е мала работа. Уште на почетокот се покажа дека Skopje Design Week е нешто што му е потребно на градот, односно државата, потребно за оние што се занимаваат со дизајн, а немаат каде да ја презентираат својата работа. Сите овие години целта беше да се издигне дизајност, да се зборува за тоа, да се пренесат искуства, копаниите да се информираат за начините на инвестирање, како и за градење на македонски бренд. Улогата на Македонија во светот не е Кина, кога е работната сила во прашање. Досега, во рамки на оваа манифестација учествувале преку 250 дизајнери, 80 гости од странство, имало преку 100 презентации на различни теми, 70 работичници, 40.000 посетители.... Резултатот од досегашната работа е овој нов простор, што претставува и нова фаза во функционирањето на Skopje Design Week, да покажеме што сме научиле и максимално да ги искористиме можностите на „Јавна соба“. И оваа година ќе се фокусираме на младите таленти од Македонија и регионот – посочи Грнарова.

На оваа издание во фокус ќе биде изложбата Млади балкански дизајнери. Оваа мрежа која минатата година се формираше на СДВ ќе направи отворена презентација каде ќе ги претстави бенефитите за дизајнерите од регионот. Гости на програмата се Маја Лалиќ, уметнички директор на Миксер Белград и Јелена Матиќ од факултетот за дизајн од Белград. 

 Skopje Design Week и оваа година ќе нуди предавања, работилници за дизајнери и архитекти, детски работилници во голем број, музичка програма, деловни средби и презентации, приготвување на храна, добра забава и можности за деловна соработка. Ново oтворениот центар „Јавна соба“ ќе пулсира во духот на дизајнот и бизнисотпредводен од „We and Nature“, „Завар дизајн“, „Kонструкта“, „Виталиа“ и други млади македонски извозно ориентирани компании.

Фестивалот кој се смета за еден од катализаторите на развојот на дизајн секторот во Македонија донесе голем успех во поглед на формирање на нови домашни брендови и нивна застапеност надвор од државните граници.

-Со „Јавна соба“ ставаме акцент на домашата продукција. Многу се полемизира околу поимот „јавна“, но јавна е бидејќи е отворена за сите – посетители, дизајнери, архитекти, инженери... Се надевам дека во наредните пет години ќе успееме да оствариме нови 150 брендови, но под тоа мислам брендови со вистински производи и извоз. Исто така, би сакал да апелирам до медиумите да се насочат кон домашниот дизајн и креативци, а не само странските или успехот на страна. За да ги прошириме границите на успех, првин мора да тргнеме од дома, да го промовираме домашниот квалитет – посочи директорот на Skopje Design Week и основачот  на „Јавна соба“, Александар Велиновски.

Овогодинешната програма стави значителен акцент на најмладите генерации и се подготвија 8 работилници за деца и тоа за фотографија, изработка на производи за домот, ментална гимнастика за деца, до неуролингвистичко програмирање за деца.

Меѓу новитетите се стрип катчето кое е продукт на Комик стрип организацијата, a првонаградените стрипови од овогодишниот конкурс ќе бидат изложени, како и платформата „Добар проект” која има за цел да не` ангажира сите нас во поддршка на талентираните деца во Македонија.

Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на едно долгорочно издание на дизајн фестивал во Скопје. Откако Македонија конечно доби физички простор за развој на дизајн сцената, резултатите се очекува да излезат брзо на виделина. Следат 365 дена на активности преку кои ќе се зајакнува дизајн продукцијата и ќе се позиционираат младите брендови надвор од државата.

Skopje Design Week ќе трае до 29-ти ноември, а програмата во целост можете да ја погледнете на линкот тука.

Објавено:
25 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
651 пати