Се затвора магазинот Interview

22 мај 2018

Згаснува популарниот магазин Interview. Вработените во магазинот ја објавија веста преку објава на Твитер, а нешто подоцна и официјални лица од издаваштвото потврдија дека истиот се затвора поради банкрот.

Магазинот Interview е основан во 1969 година од популарниот уметник Енди Ворхол, а оттогаш важи за еден од најпопуларните магазини со одлични содржини.

„Апсурдната одлука да се ликвидира магазинот е нешто за што ужасно жалам, со оглед на бројните опции со кои тоа можеше да се избегне. Успехот на магазинот беше резултат на одличната работа на талентираните вработени кои денеска останаа без работа“, изјави поранешниот уредник Фабиан Барон, кој ја напушти функцијата во април поради доцнење на платите.

Овој месец тој го тужеше магазинот поради задоцнети плати во вредност од 600.000 американски долари, а тој не е единствен кој остана без неколку плати.

Инаку, Brant Publications, издавачката куќа на магазинот е во сопственост на милијардерот Питер Брент кој е познат вљубеник во уметноста, особено во делата на Енди Ворхол.

По неговата смрт, тој го купи магазинот заедно со неговата тогашна сопруга Сандра, по што Interview стана еден од најпродаваните и најмодерни списанија во светот.

Извор: WWD

Фото: Interview Magazine

 

Објавено:
22 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
310 пати