Младинскиот Културен Центар – Скопје беше местото каде вчера попладне се одржа шестиот по ред Trash Fashion Macedonia 2016 натпревар на модни креации направени со редизајнирани материјали од отпад, кои ги изработија тимови од 38 средни училишта во Македонија.

Училиштата на сцената со настапи од по 60 секунди се претставија со модни креации на тема „Филмски и цртани ликови“ меѓу кои Ѕвончици, Пепелашки, Спајдермен, Ѓаволот носи Прада, Maleficent и многу други, изработени од различни видови отпад: пластични кеси, хартија, жици, старо компјутерско столче.

Годинава, тричленото жири меѓу кои Бранислава Јанковска – Fashion Lover, познатата манекенка Катарина Ивановска и Бојан Трајковски – фронтмен на музичката група „Eye Cue”  ги одбраа првите три места.

Прво место му припадна на тимот од СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје, со креацијата наречена „She-Edward“ изработена од копчиња од тастатури, најлонски јажиња, патенти и кабли.

Училиштето Јосип Броз Тито ја однесе победата и пред две години кога истата ученичка ја презентираше нивната креација „Not another princess“.

Второ место од училиштето ДУЦОР "Партенија Зографски"од Скопје, со креацијата „Мајкл Џексон“ изработена од најлон, картон, селотејп, изолир траки, хартија.

Третото место отиде во рацете на СОУ „Наум Наумовски - Борче“ од Крушево кои се претставија со креацијата „Кралица Елизабета“ изработена од отворачи за лименки, пластични кеси, хартија и жица.

Trash Fashion Macedonia 2016 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ а се оддржува по повод 5-ти jуни - Светскиот ден на животната средина и е единствен настан во регионот од ваков вид, кој веќе пет години по ред предизвикува огромно внимание во домашните и странските медиуми.

Објавено:
3 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
374 пати