Што да се каже за модата на црвениот килим на Британските музички награди?

12 мај 2021

Британските музички награди, како скоро секоја церемонија награди, вообичаено се одржува во февруари. Годинава беше преместена за 11 мај.

Шоуто го отворија „Колдплеј“ изведувајќи ја „Higher Power“, на отворено. Интересен настап имаше и Дуа Липа која со својата гардероба му оддаде почит на британскиот женски бенд „Спајс Грлс“. А кога сме веќе кај женските бендови „Литл Микс“ добија награда за најдобра британска група, и им се заблагодарија на сите женски брендови. Оли Александер изведе дует со Елтон Џон. Добитниците добиваа по две статуети: една за нив и една да ја споделат со некого по свој избор. 

Вибрантна и младешка мода беше презентирана вчеравечер на Британските музички награди. Таква мода впрочем и се очекува на еден ваков настан, па затоа не беше изненадување што можеше да се забележи панк гламур, кратки здолништа, кроп-топ и светки. Меѓутоа целосно преовладуваа чевлите на високи платформи кои за жал, се враќаат во мода. Ексцентрични изгледи го преплавија црвениот килим, но повторно, за жал не на многу позитивен начин. На прстите на една рака се бројат оние кои би можеле да ги сместиме во категорија „Прифатливи изгледи“. Тејлор Свифт изгледаше модерно и елегантно во сребрена креација на „Миу Миу“. Оливиа Родриго го освежи црвениот килим со креација во дреч зелена, Џеси Вер беше елегантна трудница во долга тоалета на „Валентино“. 

Гриф, која реши да се појави во свои креации, што се однесува до нас, може слободно да престане да креира, бидејќи и онака креациите и се недовршени.

Дуа Липа избрала интересна креација на „Вивиен Вествуд“, но само во горниот дел, бидејќи долу изгледа како да заборавила да се дооблече. 

Машката мода беше вистинско изненадување, со чест на исклучоци. Освен неколкумина кои изгледаа пристојно и донекаде фино спакувано, по останатите не паднавме во несвест.

Хари Стајлс во својот препознатлив стил изгледаше како да ја позајмил својата облека од гардероберот на дедо му.

Били Портер носеше црна креација од тантела, Оли Александер одело со ѕвезди на „Гучи“, а MNEK се појави во лелеаво плисирано ѕвонесто одело во лаванда нијанса. Веројатно ни вам овие три стајлинзи не би ви биле прв избор. 

Веројатно станува збор за генерациска разлика, но иако на Британските музички награди модата секогаш имала дебело стандардно отстапување од конвенционалниот гламур, може да се каже дека овој пат и разочара. Останува отворено прашањето каде лежи проблемот? Во дизајнерите, ѕвездите или стилистите?

Објавено:
12 мај 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.177 пати