Што ќе се случува на Мет Галата 2019?

12 април 2019

Одржувањето на спектакуларната „Мет Гала“ секогаш е закажано за првиот понеделник во месец мај. Годинава, тоа е 6. мај, а светските медиуми веќе почнаа со возбуда да пишуваат за годинашното издание.

Донатела Версаче, Амал Клуни и Ријана беа минатогодишните домаќини. Многумина сметаа дека оваа позната тројка ќе биде тешко да се надмине, но организаторите го побија тоа соопштувајќи дека оваа година таа чест ќе ја имаат Хари Стајлс, Лејди Гага и Серена Вилијамс.

Темата на модната изложба во Институтот за костуми при музејот Метрополитен во Њујорк и на галата  ќе биде – Camp: Notes of Fashion (Камп: Белешки за модата).

Камп во овој контекст всушност е „камп концепт“. Терминот го воведува авторката Сузан Сонтаг во еден свој есеј во 1964 година и значи љубов кон театралност, нешто што е неприродно и преувеличано. Во модна смисла претставува намерно претерување и драматичност во стилот, обично со хумористичен ефект.

Според Ендрју Болтон, главниот куратор на Институтот за костуми, темата значи љубов кон артифициелност, ироничност, гротеска, пародија, екстравагантност, мешавина на уметности, нешто што може да се забележи и во колекциите на Алесандро Микеле за „Гучи". Токму затоа, и дизајнерот ќе се приклучи на веќе споменатата тројка домаќини, секако на чело со Ана Винтур.

Тој смета дека „Камп" мода има и кај Марк Џејкобс и Ив Сен Лоран, во стиловите на Шер и Елтон Џон, „камп" е „Москино" и Галијано, па и Доналд Трамп и поп музката, и многу други современи феномени... Во овој контекст Болтон вели дека изборот на познатите за годинешната Мет гала треба да вклучува „Панделка која е претерано голема, премногу предуви и шљокици...".

Звучи интересно, а наскоро и ќе имаме можност да видиме кој ќе биде најдобриот во темата. Медиумите велат дека главната борба ќе се води помеѓу Ријана и Лејди Гага.

Како и да е, интересна тема, која ќе понуди многу шаренило, боја и хумор.

Објавено:
12 април 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
498 пати